(ВИДЕО) Петрески: „Бојкотот на маркетите е притисок што се очекува да даде резултати“
Благица Петрески – извршна директорка на „Фајнанс Тинк“ во емисија на тв24 рече дека бојкотот на маркетите е еден вид притисок што се очекува да даде резултати бидејќи цената на производите се формира врз основа на влијанието од побарувачката.
Според неа, замрзнувањето на цените во одредени периоди дава кратки ефекти кои доведуваат до повторно зголемување или враќање на цените на производите.
„Бојкотот треба да претставува сигнал и за добавувачите и за маркетите бидејќи купувачите имаат механизам кој може да изврши влијание на вкупната побарувачка така што можеби може тој бојкот наместо да биде севкупен туку да се таргетираат трговци кои се идентификувани како нефер играчи на пазарот“, изјави Петрески.
Таа рече дека и покрај бојкотот ние имаме уште неколку механизми кои може да ги употребиме. Еден од нив е законот за нефер трговски практики кој како што вели таа е можеби најдобра алатка за да се спречат ваквите појави.
„Законот за нефер трговски практики е алатка за корекција бидејќи понекогаш не е добро да се ставаат сите трговци во еден кош туку потребно е законски да се казнуваат оние што не се фер играчи. Другите два механизми се јакнење на свеста на граѓаните за пријавување на нефер трговските практики и за бојкот и блокади на оние учесници кои прават манипулација на системот“, додаде Петрески.