(ВИДЕО) Пировска: Нема откажување, ќе ги кажуваме работите што не сакаат да ги слушнат
Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, во интервју за Рацин.мк зборуваше за ситуацијата на жените во Македонија, како и за важноста на 8 Март, не како „ден на мајката“, туку како ден на женска работничка борба.
Целото интервју е достапно во видеото, а подолу можете да прочитате и извадок од разговорот.
Во најавата за настанот во кој сте вие вклучени како организатори за 8 март јавноста се соочи со прилично остри оценки за состојбата со правата на жените, со еден широк спектар на нивните права кои се прилично, според вашата оценка, на многу ниско ниво и тонот на кој повикувате на женскиот марш оваа година, е исто така, прилично остар.
На што е тоа резултат?
Пировска: Повеќе е своевиден крик против тривијализирањето на денот, затоа што низ годините како да се заборави како, всушност, започна да се слави 8 март. 8 Март се слави заради женското работничко движење, заради постигнување на класна и економска рамноправност на жените, заради нивното право на глас.
Години наназада нисе сѐ повеќе се соочуваме со една реторика којашто е резултат на националистичките движења, на антиродовите движења, коишто само ги потенциираат стереотипите за улогата на жената. Се зборува за нејзината улога како мајка, сѐ повеќе денот наместо да се нарекува „Ден на жената“, голем дел од луѓето го нарекуваат „Ден на мајката“. Со тоа ние идентитетски се губиме, затоа што ова е ден на сите жени. Ова е денот кога ние треба да потсетиме дека тој ден започнал да се одбележува заради борбата на жените. Да бидат еднакви со мажите.
Ние особено потенцираме дека ние зборуваме за сите жени, па и за оние со поинаква сексуална ориентација и транс жените.
Пораката е остра и бидејќи како да се заборава дека многу жени живеат на маргините, се сочувааат со навистина високо ниво на сиромаштија. Немаат основна здравствена заштита. Нивниот труд е експлоатиран. Тие се експлоатирани во рамките на домаќинството.
Сето тоа како да се заборава и ние од тие причини секоја година маршираме, не славиме. Ние потсетуваме, и потсетуваме и оваа година особено како започна женската борба. Дека таа борба фактички беше женска работничка борба.
Наспроти општеството и реакцијата на односот на општеството кон жената, што е тоа што е зад повикот „дајте ни повеќе права, наместо рози и други подароци“ и дали тоа произлегува од односот на општеството и каков е одзивот од другата страна?
Ние во изминатиот период се соочивме со неможноста на социјалдемократите со неможноста да се донесе еден многу важан закон, законот за родова еднаквост. Од тоа е и нашето големо разочарување, бидејќи тогашната власт остро ќе се спротивстави на притисоците и од црквата и од другите антиродови движења. Но, сѐ сведе на една калкулација „се наоѓаме пред избори, не можеме да ризикуваме да излеземе со ваков закон“.
Тоа прашање е веќе затворено. Никој повеќе не разговара за тоа прашање.
Секако дека ние не очекуваме дека нешто ќе се случи во периодот кога ВМРО е на власт, имајќи предвид какво е нашето досегашно искуство со оваа партија што е дел од нивната десничарска идеологија. Иако, знаете, многумина и не сакаа отворено да зборуваат зошто, вусшност се против законот за родова еднаквост. Имаше една поделеност во јавноста, па ако сакате и во граѓанскиот сектор со оглед на фактор што законот ги уредуваше и правата на трансродовите луѓе, а тоа беше и главната причина поради која што партиите тогаш на власт, не се одлучија и попуштија на црквата на анти-родовите движења и се повлекоа од донесување на законот.
Ние сметаме дека жение сѐ уште не ги ползуваат еднакво правата, како и мажите во ова општество.
Ние имаме статистики коишто говорат дека 60% или повеќе жени работат во јавната администрација, што значи дека жените ја носат на своите плеќи државната администрација, односно сервисот на граѓаните. Но ако малку повеќе навлезете во тие статистики ќе висите дека жените се многу помалку застапени на високите работни позиции и со тоа имаат многу помали примања.
На крајот на краиштата доволно е да видиме колку жени министерки има во сегашната влада и колку жени градоначалнички има.
Ние правиме секога неколку чекори напред за после тоа, поради дневно политички договарања, заради дневно политичко кокетирање со јавноста, со популизам, се враќаме назад.
Ние бевме многу среќни кога после борбата против режимот, во 2017 беше ратификувана Истанбулската конвенција и почнавме забрзано да се движиме напред по однос на политиките за да сега, односно на крајот на владеењето на социјалдемократите да не може да се донесе закон за родова еднаквост. Зборуваме за цивилизциска придобивка.
До каде е сега таа постапка?
Нема постапка, не се разговара за тој закон веќе.
Дали имавте комуникација досега со актуелната Влада за ова прашање?
Не. Немавме. Знаете, и ние, во целата борба, не станува збор само за овие права, туку генерално борбата за човекови права, веќе почнуваме да размислуваме, да зацртуваме цели коишто можеме да ги исполниме научени од претходното искуство.
Научивме корисни лекции како треба да се однесуваме според соодносост на силите.
Ние зборуваме сега за еден мошне ослабен граѓански сектор. Сектор којшто во некои времиња се нарекуваше четврта власт. Сектор којшто диктираше одредени трендови.