Видео: Пивоваров: Снимката на Трендафилов со неговите деца наликува на „работа“ на безбедносните служби

Снимката која ја објави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, на која се гледа лидерот на Сојузот на синдикатите Слободан Трендафилов заедно со неговите деца, е професионална и индицира на работа на безбедносните служби, смета поранешниот шеф на военото разузнавање и професор по безбедност Владимир Пивоваров.

Тој во изјава за Рацин.мк вели дека снимката дефинитивно не е аматерска, на што според него укажуваат редица знаци: снимено е од статив, со хоризонтален формат каков што ретко се гледа на снимките од телефоните. Потоа, снимката е апсолутно мирна, а видеото има голема јаснотија и контраст, што исто така укажува на тоа дека снимателот е професионалец, вели Пивоваров.

Такви снимки службите прават од автомобили со затемнети, посебни, стакла, кои овозможуваат чист поглед кон надвор и добро снимање, а кон внатре не се гледа ништо. Опрема за ваков вид на следење имаа само АНБ и Јавна безбедност на МВР“, додава професорот.

Тој вели дека пратеничката Стојановска мора да одговори на прашањата од каде ја добила снимката, но и дека надлежните служби, Обвинителството, треба веднаш да преземат истрага. Според професорот, со снимката е направено кривичното дело Демнење, што уште повеќе ја изразува потребата пратеничката да открие кој стои зад него.

Стојановска видеото го објави за да ја открие наводната злоупотреба на Трендафилов – тоа што тој користел службен автомобил на ССМ за приватни потреби. По ова, претседателот на ССМ денеска на прес-конференција побара на Стојановска да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет и таа кривично да одговара за објавената снимка од неговите деца.

Првиот човек на ССМ Слободан Трендафилов  објасни дека видеото е направено во Велес, каде тој бил откако доцна навечер имал емисија во Скопје, а утрото требало да оди на работа во Скопје со истиот автомобил.

На прес-конференцијата од 11 февруари 2026, Трендафилов тврдеше дека неговите деца биле следени и снимани, и побара кривичен прогон за лицата што стојат зад тоа, со оценка дека ваков случај би требало да предизвика политичка одговорност. Дополнително, тој јавно го прозва Министерство за внатрешни работи и министерот Панче Тошковски со прашање дали „службите“ го следат него и неговото семејство, наведувајќи дека притисокот трае повеќе од една година.

Back to top button
Close