(ВИДЕО) По смртта на Благојче Илиевски, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Пендаровски

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, денеска, на прес-конференција, го повика претседателот стево Пендаровски да си поднесе оставка поради, како што рече, негрижата на државата и лажните ветувања за болните од цистична фиброза.

Ковачки, покажувајќи фотографија од Пендаровски со Благојче Илиевски, кој вчера ја изгуби битката со болеста чекајќи го лекот „трикафта“, ги обвини претседателот и премиерот Димитар Ковачевски дека ги користеле болните за „сликање и себе промоција“.

„Во текот на вчерашниот ден целата македонска јавност беше сведок на трулоста на системот воден од ДУИ и СДС. Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски со години ги злоупотребуваат трагичните судбини на болните од цистична фиброза ветувајќи им лек, се сликаа со нив, ги користеа за себе промоција и на крај ги оставија без нужниот медицински третман, резултат е починат наш сограѓанин на кого Стево Пендаровски лично му ветуваше помош. Соопштението од страна на претседателскиот кабинет по средбата на Пендаровски со Здружението на болни од цистична фиброза, уште стои на веб страната на оваа институција, но заложбите на Пендаровски останаа само ветување и злоупотреба на случајот на 130 наши сограѓани во политички цели“ рече Ковачки.

Токму на примерот на односот на власта и на носителите на највисоките државни функции кон поедини граѓани, додаде тој, се гледа колку е распаднат системот и колку тој не функционира.

„Оваа влада, само за оваа година ќе потроши 5,3 милијарди евра и секојдневно се задолжува за да се луксузира со нови возила, скапи гозби по ресторани, а нема ниту желба ниту се способни да набават лек што е достапен во сите држави, освен во Македонија и Косово. Уште колку наши сограѓани треба да ги загубат своите животи, за Пендаровски и Ковачевски да сфатат дека тие се на позициите на кои се за да му служат на народот? Ова ли се тие европските вредности? Да си ги лажете своите граѓани за личен интерес, притоа истите да умираат, а вам око да не ви трепнува? Оставки и одговорност. Стево Пендаровски, биди доблесен и поднеси оставка веднаш“порача Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Најтешко болниот пациент со цистична фиброза во земјава, Благојче Илиевски, вчера ја изгуби битката со болеста, соопштија од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Благојче Илиевски беше дел од осумте критични пациенти за кои се бараше лекот итно да им се набави. Со кислородна боца тој бараше поддршка и од претседателот на државата Стево Пендаровски. Но, и покрај сите напори, не дочека да добие терапија со лекот „трикафта“.

Членови на Асоцијацијата за цистична фиброза денеска најавија дека ќе излезат пред владата во 14 часот за да се збогуваат со Благојче.

Оттаму нагласија дека не постои поголемо кршење на човековите права од тоа да се дозволи да умираат луѓе од болести за кои има лек.

Back to top button
Close