(ВИДЕО) Полицијата уапси повеќе од 900 лица на антивоените протести во Русија

Руската полиција денеска приведе повеќе од 900 лица на антивоените протести во 44 руски градови, со што вкупниот број на уапсени се искачи на повеќе од 4.000 од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, објави протестната невладина организација ОВД-Инфо.

Русите во неколку градови, вклучувајќи ги Москва, Санкт Петербург и Самара, денеска повторно излегоа на улиците во знак на протест против руската инвазија на Украина. Демонстрантите маршираа во центарот на градовите, извикувајќи „Не на војната“.

Денешните протести се совпаѓаат со седмата годишнина од атентатот на опозицискиот политичар Борис Немцов, а некои апсења се случија во близина на импровизираниот споменик пред Кремљ на местото каде што беше застрелан Немцов.

ОВД-Инфо со години го снима задушувањето на руската опозиција.

Немцов беше истакнат критичар на претседателот Владимир Путин, спротивставувајќи се на неговата одлука да го припои Крим кон Русија во 2014 година и да ги поддржи проруските сепаратисти во Украина, што овие денови резултираше со „специјална операција“, како што ја нарече Путин, оправдувајќи ја со заштита на две сепаратистички провинции. Руските трупи се борат и во други делови на Украина.

Back to top button
Close