(ВИДЕО) Пораст на децата во ризик и децата со психички проблеми во Македонија
Малолетните деликвентки и деликвенти треба својата казна да ја отслужат одвоени едни од други. Во поправниот дом во тетовското село Волковија можевме да разговараме со малолетник, кој на 14-годишна возраст учествувал во грабеж, силување и убиство на жена. Загрижувачки е порастот на бројот на деца во ризик и на тој со психички проблеми во Македонија, пишува Нота.
Казната за деликвентното однесување малолетничките треба да ја издржуваат во женскиот дел во затворот Идризово. Таму веќе неколку години не се донесени малолетнички и просторот за нив стои празен. Вработените уверуваат дека, доколку е потребно, можат бргу да го пренаменат.
Управата за извршување санкции е во очекување на анализа од Советот на Европа за тоа дали е можно малолетните деликвентки да се сместат во еден од објектите на воспитно-поправниот дом „Тетово“ во селото Волковија.
Во него сретнавме и можевме да разговараме со двајца малолетници, кои поради заштита на идентитетот ќе ги ословуваме Емил и Артан. Двајцата смеат да работат во кујната и инсистираа да ни подготват вечера.
Емил е во поправниот дом поради кражба, силување и убиство на жена. Делото го направил на 14-годишна возраст заедно со уште едно дете. По излегување од поправниот дом тој сака да замине во Германија.
„Јас сум дојден овде поради силување и убиство. 42 месеци сум овде. Сега 43 месеци“, објаснува Емил. Го прашавме – како се чувствува за она што се случило во неговото детство? „Лошо се чувствувам. Еве, немам лице да ги погледнам луѓето во лице. Како? Не можам да ги гледам луѓето во лице“, вели Емил.
Него го прашавме и со каква мисла влегле во куќата на жената и дали имале намера да ја повредат.
„Ние немавме намера, еве, да умре жената. Ние ја немавме таа намера. Ние имавме намера да ги ограбиме парите и да бегаме. На нас не ни беше воопшто тоа намерата да ја направиме таа работа“, објаснува Емил.
Емил потекнува од семејство, кое мајката го напуштила. Таткото немал доволно пари да се грижи за него и двете сестри. Со криминални активности почнал на 10, 11-годишна возраст, крадејќи женска чанта. Откако е во поправниот дом научил да пишува, па тоа го учел и својот татко кога смеел да излезе на викенд или одмор. Него го прашавме со какви вештини и сертификати се има стекнато откако е во воспитно-поправниот дом и што би сакал да прави кога ќе излезе од него?
„Јас сум стекнал знаење. Првиот сертификат ми беше за бербер. Тоа ми е најомилено нешто. Сум стекнал знаење за столарство. Со компјутери да работам. Со завеси работиме овде. Тоа што го стекнав знаењето за бербер, со тоа многу работи ќе постигнам. Во Германија ќе заминам. Во Германија мојот чичко има салон. Таму ќе се вработам кај него“, објаснува Емил.
Во воспитно-поправниот дом не е организирано формално образование од страна на Министерството за образование. Малолетниците се стекнуваат со вештини за бербер, кувар или молер, но не и со диплома за завршено основно или средно образование. Тоа е така, затоа што законодавецот не предвидел формално образование за овие деца. Во Министерството за образование уверуваат дека тоа ќе се промени со носење нов закон до крајот на оваа година или најдоцна во јануари.
„Во изминатите години постоеле предизвици. Истите се нотирани и ќе се надминат со нов Закон за образование на возрасните, со кој едно училиште во државата – ‘А.С. Макаренко’ ќе биде задолжено за организирање и обезбедување континуитет на наставата во воспитно-поправните и во казнено-поправните домови“, информираат од Министерството за образование и наука.
„Се вратив овде и тоа го искоментирав со воспитачката, со воспитачите. Кажувам: “да не бев ваков, ќе бев прва година, втора година, ќе завршев и јас скоро школо““, вели Емил.
Емил се надева на посветла иднина, како и Артан. Артан е потврда за тоа дека и ученици со одличен успех можат да завршат во поправен дом поради лош избор на пријатели. Тој бил присутен кога негов пријател запалил ресторан. Откако снимката од палењето се појавила во медиуми, се пријавил во полиција. Така медицинското училиште било заменето со поправен дом.
„Јас од мал сакав да читам. Тоа беше моја судбина. Тоа, книги, сѐ. Потоа завршив училиште и се запишав во средно училиште – медицина, смерот физиотерапевт. И, првата година ми отиде добро. Завршив со 5,00. Во втората година ме носат тука. Поради училиштето земав прекин на мерка, да завршам училиште. И втората година ја завршив со 5,00 и дојдов тука. Мојата иднина беше да завршам медицина. Меѓутоа ќе пробам пак на некој начин да завршам медицина, иако сум бил тука. Јас треба прво да кажам дека човекот додека е жив греши. А, второ да кажам – треба да сте внимателни со кого се дружите. Најдобриот другар може да те намести или нешто слично како мојата историја што беше. И тоа. Треба да се чувате што повеќе од другарите. Да немате верба во другарите“, укажува Артан.
30 дена по приемот на малолетниците во поправниот дом се одлучува дали тие ќе бидат во отворена или затворена група. Одлуката зависи од однесувањето и од направени тестови. Во домот некогаш забележуваат регресија кај малолетниците по враќање од посета на семејството или средината од која потекнуваат. Затоа, во домот постои несогласување со промената на законот и можноста судот однапред да го определи времетраењето на мерката.
„На тој начин се поистоветува мерката со казната затвор. Затоа што сметам дека сѐ што е однапред определено е веќе казна затвор. Така, нели. Кога на едно дете ќе му се каже ќе престојуваш во домот една година, тоа очекува дека точно по навршување на една година треба да си замине, а резултатите, коишто ги покажува тука, не нѐ упатуваат на тоа дека треба мерката да биде завршена или дека не се постигнати целите во процесот на ресоцијализацијата. И, го поставувам прашањето: врз основа на што судијата ќе го определи времетраењето на воспитната мерка? Затоа што процесот на ресоцијализација, превоспитниот процес е индивидуален. И однапред никој не може да го предиктира или да го предвиди колку тоа ќе трае. Секојпат има прогресија и регресија во однесувањето“, објарнува м-р Наташа Ристовска, раководител на одделение за третман при Воспитно-поправен дом „Тетово“.
Артан беше на разговор кај воспитачката, затоа што не можел да спие постојано размислувајќи и каејќи се за тоа што го направил.
„Имаме индивидуален и групен третман. Индивидуалниот третман прочива на индивидуални разговори, коишто се советодавни, мотивациони, ситуациони. Додека групниот третман се однесува на вклучување на децата во повеќе групни програми. Тука е Топс-програмата за справување со негативни емоции, лутината особено, гневот и сите оние други негативни емоции со коишто доаѓаат децата, кои издржуваат воспитна мерка. Потоа е кратката превентивна програма за стекнување на свесност од штетноста од дроги, сексуално преносливи болести. Потоа е програмата за меки животни вештини. Моментално на тие три програми почива превоспитниот процес“, додава м-р Ристовска.
Важноста од постоење на установи за ресоцијализација го потврдува и анализата на успешноста на деинституционализацијата, направена од Факултетот за безбедност, а нарачана од Министерството за социјална политика. Пред шест години Установата за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и со нарушено поведение се трансформираше во мали групни домови, кои сега покажуваат слабост.
„Во малите групни домови се оневозможи процесот на опсервација и дијагностика, кој се спроведувал од страна на стручен тим одреден период во посебен оддел во рамките на установата. Таа алка од процесот недостасува, и со отворањето на малите групни домови. (…) Децата не се соодветно подготвени за живот во нова средина, а ниту самите воспитувачи не се целосно запознаени со околностите на новото дете. Поради тоа, отсуството на опсервација (…) се оценува како значајна слабост во процесот на деинституционализација“, покажала анализата нарачана од Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Веројатноста за исклученост на младите, кои излегуваат од грижа на државата, е до десет пати поголема отколку на другите нивните врсници, покажува оваа анализа. Таа забележува дека овие лица се соочуваат со потешкотии во пристапот кон образование, вработување или домување, што ги прави посебно ранлива група.
„Значи тука ни е многу битно семејството. Дали има капацитет биолошкото семејство на ова дете да работи заедно со институцијата и со центарот за социјална работа, за ова дете да може по излегување од институцијата да биде успешно, да продолжи со образование, да продолжи и да не се врати повторно на улица“, објаснува Валдета Вукељ, советник за деца во ризик и деца во судир со законот во Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Бројките на деца во ризик во Македонија во минатата година се драстично зголемени.
„Процентот на деца во ризик во 2023 година бележи тренд на зголемување за 13% во однос на 2022 и за 70% во однос нa 2021 година. Mерки на помош и заштита биле применети кон 2.441 дете, oдносно кон 66% од децата во ризик. Процентот на децата во ризик, кон кои биле применети мерки за помош и заштита, во 2023 е за 18 процентни поени повисок во однос на 2022 година“, информира Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Во последно време имаме голем пораст на деца со психијатриски проблеми. Последните две години, најверојатно и Вие сте свесни, дека рапидно ни расте бројот на врсничко насилство. Така што, имаме доста пријави од училишта во делот на врсничкото насилство, каде што центарот за социјална работа посредува и ги дава мерките на помош и заштита и на жртвата и на пријавениот“, објаснува Валдета Вукељ, советник за деца во ризик и деца во судир со законот во Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Децата кои се жртви на психичко и физичко насилство покажуваат агресивност и можат да бидат склони кон криминално поведение.
„Ние се прашуваме како може едно дете на 14 години да се однесува така како што се однесува? Застрашувачки за сите нас. Значи детето е подложено на психичко и физичко насилство. Неретко тие одат заедно. Значи, со начинот на однесување и со покажување насилство и агресија тие го разрешуваат внатрешниот конфликт на страв и на внатрешната траума, внатрешната анксиозност. Еве, го гледате примерот со детето во Србија. Детето сѐ уште е на опсервација и не може да се даде конечен одоговр што е. Неговата основна омраза е кон неговата мајка. Практично по неговото сведочење, тоа ние што го слушаме и од колегите Срби, веројатно во неговиот живот неговата мајка, односно тој бил предмет на насилство од страна на неговата мајка. Не можејќи да се соземе веќе од тој психолошки терор тоа го излева во надворешната средина и за жал ги казнува и другите кои се невини“, објаснува д-р Милијана Кацарска, психијатар и субспецијалист за форензичка психијатрија.
Психијатарката објаснува дека децата во семејствата може да се користат како канал за недобрите меѓусебни односи во семејството и на тој начин да бидат злоставувани.
„Не зборуваме за семејства на алкохоличари, или за злоупотреба на супстанци. Овде може да стане збор за интелектуални семејства. Меѓутоа тука не се добро изградени односите, не се добро поставени целите на секој еден член во самото семејство. Значи самоказнувањето заради чувството на вина произведува насилство према објект, којшто веќе не може да биде ограничен, на пример, само спрема мајката или само спрема таткото и се излева во внатрешната средина. Овде настануваат жртви и практично детето адолесцент станува насилник“, објаснува д-р Кацарска.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработници: Сања Петров и Маријан Чиријак
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Малолетни деликвенти – меѓу детството и криминалот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.