(ВИДЕО) Поштеда од затвор со плаќање милиони евра не влева доверба во судството, порачува амбасадорката на Германија

Ако со плаќање кауција од неколку милиони евра се добие поштеда од затвор, тоа е нешто што не придонесува за доверба во судството, порачува амбасадорката на СР Германија во земјава, Анке Холштајн, во интервју за „360 степени“ емитувано во најновото издание на емисијата на ТВ Алсат. Оваа изјава на Холштајн доаѓа по неодамнешните спогодби на јавното обвинителство со обвинети во случајот „Империја“.

Во интервјуто, зборувајќи за блокираниот пристапен процес на Северна Македонија во ЕУ, амбасадорката Холштајн оцени дека „нема алтернатива за одбраниот курс и ангажираното продолжување на реформите за Северна Македонија“. Во тој контекст беше и порака за судството и неодамнешните спогодби.

„Станува збор за подобрување на областа владеење на правото, борба против корупцијата, ако на пример, со плаќање кауција од неколку милиони евра се добие поштеда од затвор, тоа е нешто што не придонесува за доверба во судството на земјата. Станува збор за професионализација и намалување на администрацијата, транспарентно, предвидливо и ефикасно дејствување на администрацијата. Тоа е важно и за инвестиционата клима во земјата.

Добро образование, можности за обука за младите луѓе и понуди за работа за младите за да може да останат во земјата и сами да си ја создаваат иднината. Енергетски пресврт, заштита на климата, заштита на животната средина, во овие области треба да се спроведат европските одредби и тоа не е апсолутна цел сама за себе, туку тоа го подобрува животниот квалитет на луѓето и ја модернизира земјата“ рече амбасадорката на СР Германија.

Back to top button
Close