ВИДЕО: Пратеникот на „Вреди“, Ријад Шаќири, за уставните измени: Ако не се случат, тогаш Македонија не треба да постои како држава

Ако не се случат уставните измени и ако не е заинтересирана за евроинтеграциите, тогаш Македонија не треба постои како држава. Ова во интервју за „Алмакос“ го вели Ријад Шаќири, пратеник во Собранието од редовите на коалицијата „Вреди“ која е дел од владејачкото мнозинство.

Шаќири, кој доаѓа од крилото на Алијанса за Албанците што му остана верно на министерот здравство Арбен Таравари, одговарајќи на прашања на темата за уставните измени, кои се услов за земјава да ги продолжи преговорите по кластери и поглавја за членство во Европската Унија, во интервјуто е оптимист дека тие ќе се случат, но на прашањето што ако не дојде до тоа, одговара дека тогаш Македонија не треба да постои како држава.

„Шаќири: Секако дека уставните измени ќе се случат затоа што тоа е императив на времето.

Новинарот: Што ако не се случат?

Шаќири: Ќе се случат, на хипотетички начин зборуваме, ќе бидеме овде, дај Боже, и ќе дебатираме во ова студио кога ќе се случат уставните измени.

Новинарот: Ако не се случат?

А ако не се случат, тогаш Македонија не треба да постои како држава.

Новинарот: Ќе продолжите ли да бидете дел од Владата?

Шаќири: Ако една земја не е заинтересирана за евроинтеграции, не гледам за логично да постои како држава“.

Вака во интервјуто за „Алмакос“, емитувано синоќа, тече разговорот во кој пратеникот на коалицијата „Вреди“ ги изнесува своите ставови во врска со ова прашање.

Одговорот на Шаќири предизвикате внимание и кај бугарските медиуми, каде што новинската агенција БГНЕС, која го пренесува делот каде што тој вели дека Македонија не треба да постои како држава ако не се случат уставните измени.

(Не)решавањето на ова прашања останува главен камен околу вратот на патот на земјава кон членство во Европската Унија, што минатата недела се рефлектира и во едногласната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ да ги одвојат Албанија и Северна Македонија во пристапниот процес.

За ваквиот развој на настаните опозицискиот СДСМ ги обвини главната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот и нејзин претседател, Христијан Мицкоски. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена го повика Мицкоски да свика затворена собраниска седница и да го соопшти планот за следните чекори во однос на евроинтегративниот процес, барање кое го повтори во неколку наврати.

Одговарајќи на повикот на Филипче, новоназначената владина портпаролка Марија Митева на прес-конференција изјави дека кога ќе се создадат услови, јавноста и Собранието ќе бидат информирани за решението за евроинтеграциите на кое работи Владата.

Кога ќе се создадат услови, граѓаните и Собранието ќе бидат информирани за решението кое Владата го договара за евроинтеграциите, вели Митева

 

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани завчера изјави дека Владата е во фаза на интерни разговори за изнаоѓање нови решенија во врска со евроинтеграциите на земјава, во кои не се исклучени уставните измени, но оти нема да бидат објавени јавно пред изборите во соседна Бугарија.

Работиме на нови решенија, но нема да ги објавиме до завршување на изборите во Бугарија, вели Муртезани за евроинтегративниот процес

Еден ден претходно, премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Отворено студио 100 дена Влада“ на МРТ, одговарајќи на прашања на повеќемина новинари, рече дека Владата сака да ја види државата интегрирана во ЕУ, „но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во којашто би биле со сочувано достоинство“. Тој рече дека во таа насока ја имаме поддршката од 26 земји членки, освен од една, а тоа е Бугарија.

„Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка, не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една, тоа е нашиот источен сосед кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение и во нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи“,рече премиерот.

Инаку, министерот за европски прашања Муртезани во неодамнешното интервју за „360 степени“ откри дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало за идејата за уставни измени (за внесување на Бугарите) со одложено дејство.

„Беше разговарано за предлогот на нашата влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла анблок“,рече Муртезани во интервјуто.

Back to top button
Close