(ВИДЕО) Протест во Ченто против самоволието на човек од кој се жалат сите комшии

Според жителите што протестираа, ниту државните институции ниту Општина Гази Баба постапуваат по нивните пријави, па прашуваат како е можно еден човек кој лажно се претставувал како јавен обвинител да биде помоќен од државата

Граѓани од населбата Ченто, кои живеат на улицата „Финска“, денеска попладне одржаа мирен протест поради, како што велат, повеќегодишно самоволие и нарушување на јавниот ред и мир на приватни имоти од нивни сосед.

Според жителите што протестираа, ниту државните институции ниту Општина Гази Баба постапуваат по нивните пријави, па прашуваат како е можно еден човек кој лажно се претставувал како јавен обвинител да биде помоќен од државата.

„На оној на кој му пречи мирното живеење на нашата улица немаме повеќе што да му кажеме. Нека знае само дека ние комшиите сложно и по законски пат ќе продолжиме да ја бараме правдата. Нашиот проблем има име и презиме. Тој бесрамно лажно се претставува како јавен обвинител. Свесно, секојдневно навредува и повредува лица и други станбени објекти. Против него досега има повеќе судски процеси и над 10 пријави во МВР. Никој од нас жителите до неговото доаѓање немал никаков проблем со законот. Неколкупати ескалираа работите поради негови најдрски провокации и манипулации“,

вели една од сосетките.

Тие додаваат дека дрскоста на човекот за кој редовно известуваше „Портал X“ оди дотаму што со камери кои снимаат 24/7 директно им ја нарушува приватноста во дворовите, а пред четири месеци им ја сопрел канализацијата на неколку комшии бидејќи во неговиот двор има контролна канализациска станица. Воедно, сега им се заканувал дека ќе им ја сопре и водата за пиење.

„Се собравме за да ги прашаме институциите кои веќе со години знаат за нашиот проблем: МВР, Општина Гази Баба, ‘Водовод и канализација’, судовите – што чекате? Зошто по толкав број пријави не постапувате? Нашите деца не заслужуваат безгрижно детство? Во повеќе случаи од блиското минато видовме дека преголема толеранција на самоволие на едно лице, институционално задоцнето реагирање, водат до трагедија. Нели се доволно солзи на ова парче земја? Зарем еден човек може да е посилен од цела држава? Од вас зависи“,

порача учесничка на протестот.

Друг од комшиите се пожали дека Општина Гази Баба функционира катастрофално, затоа што биле на средба и разговарале со градоначалникот, кој досега не презел ништо за нивниот проблем.

„Четири месеци се бориме со фекалии. Веќе не знаеме каде да се обратиме. Тоа е дивоградба. Тие ни викаат се испитува, ама ние што трпиме малтретирање од човек што нè провоцира, што вика по нас, што се расправа со нас, само сака некој инцидент. Тој се заканува, а ние толку сме смирени. Не сакаме инциденти. Затоа со мирен протест сакаме да ги разбудиме чувствата на институциите. Да преземат нешто. Не може еден човек против нас четири месеци и да не може државата да го реши проблемот“,револтирано вели сосед.

Соседите, меѓу другото, го пријавувале соседот за фрлање нож, за вербални и физички напади.

Институциите им порачале на комшиите дека се работи за приватен имот, во кој не можеле да влегуваат.

„Ако не можат тие, кој може? Од Животна средина не ни дошле на терен. Ние овде правиме еколошко загадување. Мириса на фекалии во секоја куќа“,

реагира еден од жителите на улицата „Финска“ во населбата Ченто кој беше дел од мирниот протест.

Back to top button
Close