(Видео) Радев на средба со ГДУ: Очекувам да прекине дискриминацијата кон Бугарите во С Македонија

Радев порачува дека во земјав има 120 000 лица со бугарски пасоши кои бараат властите во Софија да бидат поактивни во решавањето на нивните проблеми и порачува дека предуслов за Северна Македонија да ги започне преговорите е да ги почитува копенхангеншките критериуми

Очекувам да прекине дискриминацијата кон Бугарите во Република Северна Македонија, порача претседателот на Бугарија, Румен Радев, по средбата со партијата Граѓанско-демократска унија (ГДУ), чиј претседател е Петар Колев.

Радев ја претставува ГДУ како една од новите политички сили во Северна Македонија и по средбата со нејзините претставници ги наведува и останатите негови очекувања.

„Очекувам да се напушти говорот на омраза во учебниците по историја, во натписите на историските споменици, во музеите, во медиумите. Прекинот на дискриминацијата и почитувањето на правата на Бугарите на територијата на нашиот југозападен сосед ќе биде важен знак за европската зрелост на Република Северна Македонија“,

вели Радев.Тој наведува дека во земјава има повеќе од 120 000 лица кои имаат бугарски пасоши и инсистираат властите од Софија да бидат многу поактивни во решавањето на нивните проблеми во Северна Македонија.

Средбата со ГДУ, Радев ја оценува како позитивен чекор во развојот на односите помеѓу двете држави, а нагласува и дека го цени придонесот на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев за враќање на дијалогот на највисоко ниво.

„Сепак, време е за овие први чекори да се стимулираат и институциите и политичките партии во Република Северна Македонија, да се посветат на остварување на огромниот потенцијал кој го имаат билатералните односи наместо да се акумулираат нови проблеми. Директниот дијалог на сите нивоа помеѓу Бугарија и РСМ е од исклучителна важност за решавање на отворените прашања и за РСМ нема друга алтернатива во преговорите за полноправно членство во ЕУ. Исполнувањето на копенхангеншките критериуми е предуслов РСМ да ги започне преговорите и убеден сум дека само со заеднички напори можеме да го постигнеме тоа“,

порачува Радев.

Back to top button
Close