(ВИДЕО) Радев смета дека нема потреба од посредништво на Орбан, адреса за Скопје е Брисел, а не Софија
Бугарскиот претседател Румен Радев не смета дека е потребно какво било посредување меѓу Бугарија и Македонија околу продолжувањето на процесот на интеграција на земјава во ЕУ. Упатува Скопје да води дијалог со Брисел бидејќи Софија веќе не е вистинската адреса. Вели дека состојбата многу добро му ја објаснил и на унгарскиот примиер Виктор Орбан, за кого се појави информација дека би можел на 7 ноември во Будимпешта да ги седне на заедничка маса него и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека е подготвен кога било и каде било да разговара со него за да се изнајде решение на долг рок, Радев потенцира дека преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија се завршени пред 2 години, а земјата, за да го продолжи својот пат кон ЕУ, треба да води дијалог со Европската комисија.
Според него, работите се и повеќе од јасни. Северна Македонија треба да ги исполни барањата поставени од Европската Унија, а Бугарија, како што рече, може да помага во тој процес.
„И ќе повторам по којзнае кој пат, ние сме подготвени и ние треба да помогнеме. Тоа е нашата одговорност, и тоа да помагаме Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите запишани во двостраниот протокол и во Преговарачката рамка, така што би можеле посигурно да чекорат по европскиот пат“,истакна Радев.