(ВИДЕО) Расте бројот на малолетници со македонско државјанство во германската криминалистичката статистика
Урсула Лаузберг долго време со страв влегувала во својата продавница за играчки во Оберхаузен. Во 35 години продажба на играчки таа доживеала многу работи, па и деца со криминално поведение. Децата со странско потекло во продавницата краделе, кршеле, оштетувале играчки и го искинале нејзиниот симболот – мечката Борис.
„Да, еве го нашиот… Упс! Ова се протега до тука горе, и овде. Значи, тие навистина го влечеа многу лошо, и да, кутриот мораше сето тоа да го издржи“, објаснува сопственичката Лаузберг.
Продавницата веќе 20 години се наоѓа во улица во Оберхаузен, која од скоро време е тероризирана од деца – главно со српско и романско потекло. На фасади можат да се најдат графити со бројот 46 – името на оваа група деца, кое е извлечено од првите бројки на поштенскиот код.
„Тие патролираа по улицата овде. Деца од прво одделение па натаму до што знам – да, може лошо да се процени возраста, но мислам до тинејџери. Ако се вели дека тоа не било како банда, тогаш се прашувам што друго беше тоа? Тоа се одрази и преку тоа што дури и деца трчаа овде низ улиците и без почит одеа низ продавниците, нѐ пцуеја, нѐ плукаа и кога ќе беше речено: ‘Внимавај, ова не може вака’, тогаш најбезопасното е, или беше, што човек беше навредуван како нацист. Не сакам да кажам ништо друго, затоа што тоа е толку под секое ниво и не ја одразува мојата култура така да се изразувам“, вели сопственичката на продавницата за играчки.
Децата, коишто таа ги има пријавено, влегуваат во статистиката на малолетни деликвенти со странско потекло во Германија. Нивниот број минатата година е драстично зголемен. За 12 проценти меѓу странските децата под 14-годишна возраст и за 9,5 проценти меѓу малолетниците со странско државјанство е зголемен бројот на криминални дела во Германија. Податоците за трендот во оваа година ќе бидат објавени за три месеци.
број на криминални дела и малолетни извршители во Македонија
Во минатогодишната статистиката за криминал се појавуваат 823 деца под 14-годишна возраст со македонско државјанство и 829 тинејџери од Македонија до под 18-годишна возраст. Малолетните македонски државјани лани најмногу краделе, нелегално влегле или престојувале во Германија или нанеле телесни повреди.
Широк е спектарот на криминални дела направени од малолетници со македонско државјанство во минативе пет години. Покрај во случаи на кражби, телесни повреди и незаконски престој во Германија, малолетниците со македонски пасош во минативе пет години се појавуваат и во случаи на компјутерски криминал и поседување, производство и дистрибуција на порнографија.
Во германската статистика во минативе пет години се појавуваат како деца под шест годишна возраст, така и малолетници од Македонија кои креирале, поседувале и споделувале порнографска содржина. Под 14-годишна возраст од 2019 до 2023 по години биле регистрирани: 30, 9, 76, 70, 148 дела од деца, додека под 18-годишна возраст бил регистриран следниов број на вакви дела по години: 15, 29, 85, 144, 186.
Прашавме во германската Федерална служба за криминалистика (БКА) како е можно деца и под шест годишна возраст да се појават со вакво дело во статистиката?
„Децата под 6-годишна возраст беа осомничени за дистрибуирање, поседување или производство на детска порнографија. Во принцип, тоа е замисливо или возможно доколку тие, на пример, праќаат таква содржина со помош на смартфон, без да бидат свесни за криминалната природа на прекршокот“, се наведува во одговорот на БКА.
Додека во Германија се дуплира бројот на дела и малолетни сторители, во Македонија тој број паѓа – од 1.323 во 2020 година на 911 сторители во 2023 година.
„Најголем дел од кривичните дела извршени од деца – околу 50% се од областа на имотниот криминал, при што во овој период извршени се 427 кражби, 1.318 тешки кражби и 132 разбојништва“, информира македонското Министерство за внатрешни работи.
Криминалното поведение се чувствува и во македонските училишта, како што покажува истражувањето на ОБСЕ објавено во септември годинава. Загрижувачко е насилството во македонските училишта.
„Последнава година податоците покажуваат дека насилството преовладува во возрасна група од 10 до 14 години, со доминантно врсничко насилство. 81% од возрасната група од 15 до 18 години искусиле насилство во училиште, што потврдува дека насилството е во голема мера присутно во основните и средните училишта“, стои во истажувањето на ОБСЕ.
Назад во Оберхаузен. Во продавницата за играчки работи и Кристоф Лаузберг. Неговото минато му помага да препознае кога децата сакаат да крадат од играчките. Поради кражби во тинејџерските години, тој веднаш бил казнет со 20 часа општествено корисна работа. Нешто што не го гледа денес.
„Едноставно мислам дека правосудниот систем ова веќе го нема вистински под контрола. Дека таму нешто малку не е во ред, бидејќи кога ќе размислам, постапките на сторителите и последиците што следат, тие воопшто не доаѓаат. Така, тие веќе не се вистински казнети, или понекогаш тоа е толку далеку од кривичното дело што кога всушност ќе дојдат пред судијата, времето меѓу нив е премногу долго. Едноставно така мислам. Ова мора да се одвива многу, многу побрзо и многу поконзистентно. Тоа едноставно повеќе не се случува“, споредува Лаузберг.
Дека има некој проблем во справувањето со малолетните деликвенти во Германија забележува и сопственичката на продавницата, бидејќи од нејзините полициски пријави немало некој голем ефект.
„Дали добивте повратен одговор од полицијата, што било направено потоа“, ја прашавме неа.
„Постапките секогаш се прекинуваат. Дури и овде, кога ме плукна жената Синти. Постапката секогаш се прекинува“, тврди Лаузберг.
По нашите прашања во Покраинската служба за криминалистика, полицијата во Оберхаузен морала да достави извештај за состојбата во градот. Меѓу децата не идентификувале некои со македонско државјанство, но имало со српско и романско. Децата, според полицијата, не биле организирани како банда, иако во групата имало роднини и состојбата во меѓувреме се смирила.
„Во последно време има зголемување на криминалите извршени од деца и млади луѓе во централната градска област на Оберхаузен. Две од инволвираните млади лица се приведени. Некои сопственици на продавници го скратија работното време или привремено ја заклучуваа продавницата одвнатре и ја отвораа само кога клиентите видливо стоеле пред вратата“, се вели во полицискиот извештај на Оберхаузен.
Лаузберг одела на часови во полицијата за да научи како преку говорот на телото да не го покажува стравот пред малолетните деликвенти.
„Кога конкретно оваа клиентела ми рече, буквално, ‘пази, вие Германци во секој случај сте глупи’, на тоа само одговорив: ‘да, во право сте, масата народ е глупава и продолжува да трпи сѐ. Но, јас веќе не!’“, нагласува Лаузберг.
Германски криминалисти оценуваат дека пет до седум проценти од малолетниците повторуват криминални дела. Од работата на институциите, во казнено-поправните домови, но и ангажманот на семејството зависи дали овие малолетници ќе се свртат повторно да бидат деликвенти.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработници: Сања Петров и Маријан Чириjак
Овој текст, како и прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Малолетни деликвенти – меѓу детството и криминалот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.