(Видео) РЕК „Битола“ губи чекор – обновливите извори ја преземаат лидерската улога
За првпат лани електроцентралите во Македонија, кои користат обновливи извори енергија, како вода, ветар, сонце или биомаса, доминираат во производството на електрична енергија. Сепак, од државните капацитети и натаму 60 проценти од произведената струја е онаа на јаглен од РЕК „Битола“, пренесе Нота.

© Регулаторна комисија за енергетика
Во ЕСМ ни одговорија дека скоро две третини од вкупното производство на струја од државните капацитети во Македонија доаѓа од РЕК „Битола“.
„Во однос на соодносот кој колку произведува во рамките на капацитетите на АД ЕСМ, ако се земе, на пример, минатата година, уделот во производство е следен: РЕК ‘Битола’ 60 проценти; Хидроелектрани 31 процент; РЕК ‘Осломеј’ 5 проценти; Ветерници 3 проценти и КОГЕЛ – тоа е наша когенеративна електрана лоцирана во Железара, која користи гас како погонско гориво, 1 процент“.
Втората термоелектрана, онаа во Неготино, се чува како таканаречена ладна резерва.
„Во моментов ТЕЦ ‘Неготино’ е ‘ладна резерва’ и не се користи, со оглед дека користи мазут како погонско гориво, што од еколошки аспект претставува неприфатливо гориво. За овој капацитет се размислува во перспектива да се конвертира на гас и да стане Те-То електрана, која би обезбедувала топлинска и електрична енергија“, информираат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Третата термоелектрана во Македонија, онаа во Осломеј, во моментов е во ремонт и се очекува да биде вклучена во производство на почетокот на декември, кога има поголема потрошувачка на електрична енергија. Прашавме што ќе се случува со нејзината површина, кога целосно ќе престане да работи.
„Земјиштето во Осломеј, што порано било рудник, ќе се рекултивира и врз него ќе се изгради најмалку уште една фотонапонска електрана. Во рамките на стариот и искористен рудник во Осломеј има една изградена фотонапонска електрана од 10 мегавати, а во моментов тече тендерска постапка за изведувач на уште една, двојно поголема со инсталиран капацитет од 20 мегавати“, информираат Електраните на Северна Македонија.

Во текот на истражувањето комунициравме со бројни лица од различни институции. Анонимен извор ни објасни дека во однос термоелектраната Осломеј постојат повеќе сценарија, но Владата треба да се одлучи што сака да прави натаму со овој комбинат.
На местото на рудникот Суводол во Битола е планирана изградба на уште две фотонапонски електрани со капацитет од преку 50 мегавати. Во ЕСМ ни рекоа дека преку инвестициите во обновливи извори на енергија и преку обуки за унапредување на вештините на вработени ќе тече процесот на праведна зелена транзиција во државата.
„Активностите што ги преземаме во рамки на зелената транзиција вклучуваат: Изградба на 300 мегавати нови соларни централи; изградба на 300 мегавати нови ветерни паркови; инвестиции во батериски системи за складирање на енергија; инвестиции во хидро-капацитетите; инвестиции во најмодерни гасни централи, како преодно решение согласно европските практики“, информираат од ЕСМ.

Во 2024 година вкупното домашно производство било за 6,47% помало споредено со 2023 година помало, информира Регулаторната комисија и тоа било поради државните капацитети за производство на струја.
„Намалувањето на производството во 2024 година се должи на намалено производство на електрична енергија од АД ЕСМ Скопје, намаленото производство на електрична енергија од ТЕ-ТО АД Скопје и неработењето на ТЕЦ ‘Неготино’, и покрај тоа што бележи зголемено производство на електрична енергија од електроцентралите кои користат обновливи извори на енергија, особено од фотонапонските централи“, информира Регулаторната комисија преку годишниот извештај.
Оваа институција потсетува дека властите во Македонија имаат преземени обврски за усогласување со законодавството на Европската Унија и дека „особено со таканаречениот Пакет на ЕУ за чиста енергија треба да постигне намалување на употребата на фосилни горива, емисиите на стакленички гасови и зголемување на искористеноста на обновливите извори на енергија заради заштита на животна средина и ублажувањето на климатските промени“.
Зелената транзиција би ја чинела Македонија три милијарди евра. Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини очекуваат приближно 285 милиони евра да добијат од грантови и концесиски финансирања.

„Се очекува да се овозможи пристап до комбинација од грантови за техничка помош (од 25 милиони евра), инвестициски грантови (од 165 милиони евра) и концесиски финансирања (од 95 милиони евра), кои ќе се комбинираат со финансирање од меѓународни финансиски институции. Концесиското финансирање се финансиски средства – заеми, најчесто дадени од меѓународните развојни банки, кои се даваат под поолеснети услови од пазарните, со цел да се помогне на државите во развој да финансираат важни стратешки објекти. Согласно усвоениот Нaционалниот план за енергија и клима, државата се обврзува да достигне 38 % учество на обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија до 2030 година“, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Ова министерство нѐ информираше дека активно разгледува можности за субвенционирање на домаќинствата и приватниот сектор со цел инсталирање на обновливи извори на енергија за обезбедување за сопствените потреби на струја, но и за зголемување на енергетската ефикасност.
„Во тек е и подготовка на Закон за користење на енергија од обновливи извори, со кој дополнително ќе се регулира статусот на потрошувачите-производители и ќе се овозможи формирање на енергетски задруги од обновливи извори на енергија, каде активно учество ќе можат да земат домаќинствата и приватниот сектор, со цел заедничко искористување на потенцијалиот од обновливи извори. Овие задруги носат можност за здружување на домаќинства или мали бизниси, кои ќе инвестираат заедно, наместо секое поединечно, што може да ја намали финансиската и административната тежина“, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Властите имаат поставено цел до 2030 година да се инсталира 1,7 GW нов капацитет од обновливи извори на енергија, првенствено фотоволтаични и ветерни електроцентрали. Оваа институција го нагласува трендот на интензивно инвестирање во електроцентрали на обновливи извори на енергија, којшто започна со енергетската криза во 2022 година.
„Во 2022 година се изградија 272 нови електроцентрали, кои користат обновливи извори на енергија, со инсталирана моќност од 151 MW. Во 2023 година се изградени скоро двојно повеќе, односно изградени се и пуштени во употреба 531 нова електроцентрала, со инсталирана моќност од 365 MW. Додека во 2024 година изградени се и пуштени во употреба 349 нови електроцентрали, со инсталирана моќност од 351,3 MW. Вкупниот број на електроцентрали од обновливи извори заклучно со 2024 година изнесува 1.494 со вкупна инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува скоро 56% од вкупната инсталирана моќност на територијата на државата. Најзабележителен е порастот во производството од фотонапонските централи“, информираат од Министерството за енергетика.
Сонцето станува актрактивен извор за производство на струја во Македонија. Во 2024 година за 186 проценти е порастот на производството струја во земјата од фотонапоснки централи, споредено со 2023 година.

Назад во комбинатот во Битола. Последната модернизација на РЕК „Битола“ била во 2014 година. Тогаш биле ставени и нови филтри. Еден нов филтер чини 120.000.000 евра. Во меѓувреме комбинатот се одржува во живот со ремонти.
„До 94-5 година што се купи, што се изработи во РЕК се изработи. Оттогаш живееме на стара слава и никој повеќе не инвестира во РЕК. Тоа ви е како едно такси возило да го возите, да не му ставате ниту масло, ниту глицерини и да велите: А, бре, нека вози додека вози. Кога ќе зариба ќе најдеме друго, ќе купиме. Баш буквално јас така ја доживувам фирмата во којашто еве го поминав целиот свој работен и животен век“, вели Тони Апостоловски, кој има 39-годишно работно искуство во РЕК „Битола“.

Редовните ремонти имаат помал обем на зафати, додека кај капиталните ремонти има поголеми зафати и се отвора турбината и генераторот, а на испитување подлежи и целиот јагленов систем, како и котелот. Притоа се заменуваат нивни оштетени делови. Го прашавме директорот на РЕК „Битола“ дали е вистина дека годинава не е направен ремонт во комбинатот?
„Апсолутно тоа не е точно. Значи, веќе се направени ремонти на Блок 1 и 2. Редовен ремонт на Блок 2 е направен и капитален ремонт е направен на Блок 1. Моментално се наоѓаме во ремонтни активности на Блок 3, коишто очекуваме да завршат при крајот на годината, кадешто сите три блокови, односно енергетски капацитети коишто ги има РЕК ‘Битола’ би биле спремни“, вели директорот на РЕК „Битола“, Тони Петрушевски.

Светската банка очекува Македонија до 2030 година да инвестира дополнителни 1,7 милијарди американски долари и други 5,6 милијарди американски долари до 2050 во енергетскиот сектор за испуштената количина гасови да биде еднаква на апсорбираната од шумите, почвите или, пак, новата технологија.
Најголем дел од термоелектраните на јаглен, гас или течно гориво имаат животен век меѓу 30 и 40 години, којшто може да се продолжи со надградба и модернизација. Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, пак, е променливо на годишно ниво и пред сè зависи од временските и хидролошките услови. Во 2024 година производството на електрична енергија од хидроелектроцентралите изнесува 1.060 GWh и бележи пад од 12,83% споредено со 2023 година.
Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева
Соработник: Сања Петров
Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на истражувачко-документарниот филм „Јаглен на раскрсница“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.







