Родителите на загинатите од „Пулс“ со повик до цела јавност, доаѓаат во Скопје четири дена пред првото судење
Низ солзи и со длабока болка, родителите на трагично загинатите млади во пожарот во дискотеката „Пулс“ најавија голем граѓански марш во Скопје, закажан за 15 ноември во 12:05 часот — четири дена пред почетокот на првото судење за случајот
Маршот ќе започне од Плоштад Македонија, ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд, каде што родителите ќе бараат од институциите конечно да преземат одговорност и да обезбедат правда за нивните деца.
„Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка. Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тогаш марширававме сами, додека градот молчеше. Сега ве повикуваме сите да дојдете — без посредници, без лаги, без манипулации. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено што остана е борбата за правда,“ порачаа родителите во своето обраќање.
Тие потсетија дека во изминатите месеци одржале повеќе од триесет маршеви во Кочани, но додаваат дека „тоа не било доволно за да ги разбуди институциите“.
„Свесни сме дека патот до вистината ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот. Веруваме дека Македонија има совест, дека знае да се сплоти кога најмногу боли,“ велат тие.
Маршот на 15 ноември ќе биде, како што родителите нагласуваат, „повик на совеста, а не на политиката“, симбол на сплотеност и отпор против неправдата која трае повеќе од една година.
„Се гледаме на маршот,“ завршуваат родителите.






