(ВИДЕО) Романо Проди: „Европа ќе умре продолжувајќи само со компромиси“

Потребната едногласност во одлучувањето на Европскиот совет е институционален кошмар, кој треба да заврши, вели поранешниот претседател на Европската комисија, Романо Проди во интервју за Нота.
Siena konferencija za Evropa

Потребата од реформа во одлучувањето во ЕУ беше една од главните теми на петтата Конференција за иднината на Европа, што кон крајот на минатата недела се одржа во Чертоза ди Понтињано и во Сиена, во организација на италијанската тинк-тенк организација „Вижн“. Еден од учесниците беше и поранешниот италијански премиер во два мандати и претседател на Европската комисија, Романо Проди. Со него на чело се случи најголемото проширување на ЕУ, кога на 1 Мај 2004 година десет земји беа примени во членство во Унијата.

Проди за Нота.мк вели дека очекува иницијатива од поголемите членки на Унијата за отстранување на можноста за вето.

„Со едногласноста не носите никаква одлука – ни за проширувањето, ниту за економијата. Првиот проблем е да се заврши овој институционален кошмар. Секако, потребна ви е едногласноста за да се поништи едногласноста. Нам ни треба иницијатива од неколку земји: Германија, Франција, Италија, Шпанија заедно да донесат одлука. Десет други земји веднаш ќе ги следат следниот ден. Ова е значајно за проширувањето, ова е важно за економијата, ова е значајно за сѐ. Европа ќе умре продолжувајќи само со компромиси“, вели Проди за Нота.мк.

Германија лани одлучи да тргне во офанзива за да ја промени оваа процедура на гласање. Германскиот канцелар Олаф Шолц минатата година во мај ја промовираше идејата за гласање со квалификувано мнозинство, според која за изгласана би се сметала некоја политика за која би се согласиле 55% од земјите-членки, кои претставуваат 65% од населението на континентот. Германските власти лани обединија девет нации, придобивајќи ги на своја страна и Франција, Белгија, Финска, Италија, Луксембург, Холандија, Словенија и Шпанија. Минатиот декември, пак, германскиот канцелар го убедил унгарскиот премиер, Виктор Орбан, накратко да излезе од просторијата за останатите 26 лидери од ЕУ да гласаат едногласно во корист на отворањето на патот на Украина кон ЕУ.

Нота.мк го праша Проди како може ЕУ да се ослободи од оваа потреба за едногласност?

Romano Prodi

„Па, претходно бев многу јасен. Ако не се ослободите, тогаш сте мртви. Компромисот е ограничен број на држави, по значење, да речеме девет земји, па и повеќе, да се соберат, да дадат пример, и да покажат дека правењето напредок е погодно за секого. Мора да правиме силни работи! Значајни работи! Ние треба да собереме држави кои сакаат да го направат тоа. Во спротивно, ние ќе продолжиме со компромис, но ќе ја изгубиме основата наспроти Кина, ќе ја изгубиме основата наспроти САД. Можеме да умреме полека, полека, полека, полека“, оценува Проди.

„На прошируввањето му е потребен поинаков политички договор и поддршка“

Поранешниот претседател на Европската комисија вели за Нота.мк дека проширувањето во неговото време било можно поради дијалогот меѓу ЕУ и Русија.

„Јас направив големо проширување. Беше многу успешно. На луѓето не можев да им спасам животи, ама тие си го променија животот. Тие си го променија нивниот живот! Иако има критичари, знаете, но можев да го направам тоа во поинаков политички момент. Имаше длабински дијалог меѓу Европа и Русија. И можевме да имаме осум поранечни членки на Варшавскиот пакт. Можете ли да си замислите? Без никаков политички проблем. И сега средината е сосема поразлична. Потребно е да сте повеќе вклучени, морате да ги спуштите политичките тензии. Во спротивно, ќе биде многу тешко да се направи некакво проширување, бидејќи секој ќе става вето“, нагласува Романо Проди.

Прашан дали смета дека историски прашања треба да се предуслов за станување членка, како во случајот на Македонија, Проди вели дека и за проширувањето со другите две југословенски републики – Словенија и Хрватска, имало противење од една или друга страна и потсетува дека во однос на Македонија противење имало и од Франција.

„Ако немате институционален договор, тогаш никогаш нема да го имате и овој случај со едногласноста. Во тој момент Франција стави некој вид на вето, на негативна позиција. Во друга прилика ќе биде друга држава. На прошируввањето му е потребен поинаков политички договор и поддршка. Како што јас можев да ја добијам! Но, тоа беше фантастична и долга работа“, вели Проди.

Преку писмо до учесниците на конференцијата во Сиена се обрати и италијанскиот министер за надворешни работи и вицепремиер, Антонио Тајани, кој исто така ја нагласи потребата за менување на едногласноста со мнозинско гласање.

Писмо Тајани

„Не смееме да се плашиме да го решиме прашањето за институционалните реформи. Мислам на проширување на мнозинското гласање, за побрзи и поефективни одлуки. (…) Реформи кои ги сметам за неопходни за утрешната Европска унија, исто така и во однос на проширувањето. Во вторникот бев во Црна Гора и Северна Македонија и на сите мои соговорници им ја повторив нашата посветеност за повторно обединување на Европа со влезот на Западен Балкан, за стабилноста на регионот и за отворање на нови пазари за нашите бизниси“, стои во писмото на Тајани.

Последното проширување на ЕУ се случи на почетокот на јули 2013 година со приемот на Хрватска. Една од идеите изнесени на конференцијата беше зачленувањето по кластери, односно области.

„Ако ова не е можно (отстранувањето на правото на вето, н.з.), ајде да одиме со Европа со различна брзина. Како што направивме со еврото. Еврото е силно сега, функционира. Ние бевме 12 земји, а сега сме 20“, вели Проди за Нота.мк.

Конференцијата во Италија имаше за цел да се дефинира европската агенда за наредните години, а по неа ќе биде изработен и „Документ од Понтињано“, кој ќе биде дистрибуиран првенствено до организации во Брисел, кои се влијателни кај партиите и носителите на одлуки во Европската унија. Во драфт-верзијата, покрај зачленувањето по кластери, беше внесено дека е потребно давање временска рамка, односно година до која треба да се оствари членството, како и отстранување на правото на вето, за во земјите-кандидатки да не надвладее некое друго влијание.

 

Back to top button
Close