ВИДЕО: СДСМ повторно го поднесе Предлог законот за минимална плата, дава поддршка на барањето на ССМ за нејзино зголемување
Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска повторно го поднесе Предлог законот за измена на Законот за минимална плата, откако претходно бил вратен од претседателот на Собранието Африм Гаши поради, како што посочил, технички недостатоци.

Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче на денешната прес – конференција во Собранието изјави дека очекуваат законот да биде ставен на дневен ред во текот на месецов. Тој кажа дека во следниот период ќе се види дали постапката на враќање била направена со цел, како што вели, да се одложи неговото разгледување.
Филипче посочи дека СДСМ дава целосна поддршка на барањата на Сојузот на синдикатите за минимална плата од 600 евра, оценувајќи дека работниците заслужуваат „достоинствен живот“, особено, вели, во услови кога синдикалната кошница надминува 65.000 денари. Како можни извори на средства, тој ги посочи буџетските категории за патни трошоци и репрезентација, од кои, според него, може да се обезбедат средствата.
Тој повтори дека државата, според него, може да ги субвенционира придонесите за зголемените плати во приватниот сектор за да не се нарушела ликвидноста на компаниите.
Филипче упати критика до власта за најавите за купување нов владин авион, оценувајќи го тоа како „расипништво“ во услови кога граѓаните протестираат за повисоки плати.
Пратеничката група на СДСМ ќе поднесе и измени на Законот за административни службеници. Според Филипче, измените што Владата ги направила претходно довеле до намалување на платите на службениците во Собранието за 30 проценти, што, како што оцени, ја компромитира независноста на законодавниот дом. Тој побара поддршка од сите пратеници за да се врати претходното ниво на примања.






