(Видео) Се отстрануваат билборди од Железничката станица Скопје – ќе нема и светлосни реклами

Отстранет и првиот билборд од Железничката станица Скопје, објави директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски на својот профил на Фејсбук.
„Во насока на ослободување на просторот и оригиналниот изглед на железничката станица, започнавме со отстранување на сите билборди, светлосни реклами и останати информативни реклами кои години и декади наназад го нарушуваат автентичниот изглед на станицата. Ова ќе биде фазен процес кој ќе заврши со генерално чистење на надворешниот изглед на станицата како и соодветна илуминација“, напиша Ивановски.
Ивановски пред неколку месеци најави целосна реконструкција на железничката станица со зачувување на основниот изглед, кој е направен во 1981 година по основниот проект на Кензо Танге, но со нови модерни елементи во архитектурата.
„Она што станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така. Ќе има забрана за рекламирање и какви било билборди и сè што во моментот го гледате. Железничката станица не може да биде турбофолк-хаб во државата“, рече тогаш директорот Ивановски.






