(Видео) Се појави Лефков и „обзнани“ хибридни напади врз премиерот од бугарски тајни служби
Имаме основано сомнение, поткрепено со точни информации и факти, дека во моментов се води координирана и насочена операција на дискредитација против Република Македонија, против Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и лично против премиерот Христијан.
Ваквите наводи денеска на прес-конференција ги изнесе пратеникот во Собранието и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, тврдејќи дека оваа операција се спроведува со употреба на класични хибридни методи, односно ширење лажни информации, конструирани афери, фабрикувани документи, лични и семејни дискредитации и злоупотреба на човечки трагедии и економски инсинуации.

Дел од нападите на кои алудира Лефковски се однесува на прашањето кое вчера дојде од членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, кој повикувајќи се на бугарски медиуми побара одговор од владејачката ВМРО-ДПМНЕ дали нејзиниот претседател и премиер Христијан Мицкоски поднел барање за бугарски пасош.
Ваквите наводи вчера ги негираа од ВМРО-ДПМНЕ, а Лефков на на денешната прес-конференција зад сите овие активности стојат стуктури на бугарските служби и блиски кругови до националистичките партии.
„Сите овие активности, кои се засилуваат по секој пораз на бугарската дипломатија во европските институции, се водат од мрежа на медиумски портали во Бугарија, зад кои стојат структури на бугарските служби и блиски кругови до националистичките партии“, рече тој.
Пратеникот и функционер на ВМРО-ДПМНЕ наведе и неколку бугарски портали кои, како што кажа, секојдневно продуцираат лажни вести.
„Во таа мрежа се вклучени портали како ‘Tribune.bg’, ‘Lupa.bg’, ‘Epicenter.bg’, ‘Pogled.info’, како и стотици т.н. ‘mushroom’ (печурки) веб-страници кои секојдневно сериски продуцираат лажни вести“, кажа Лефков.
Според него, сомнежите за постоење на такви дезинформациски мрежи се веќе документирани и од меѓународни извори, наведувајќи дека Истражувачката лабораторија за дигитална форнзика – DFRLab (Digital Forensic Research Lab) уште претходно разобличила мрежа од стотици координирани портали со потекло од Бугарија, кои се користат за, како што кажа, ширење антизападни и антимакедонски наративи.
„Според нивниот извештај, тие функционираат преку субдомени и синхронизирани фејсбук-страници, со цел поддршка на агенди кои се косат со вредностите на демократијата, стабилноста и евроатлантскиот курс. Дел од овие содржини, за жал, ги преземаат и портали во Македонија блиски до СДС, а некои завршуваат и во традиционалните медиуми“, рече Лефков.
Оваа координирана операција, рече, нема идеолошка основа, туку е мотивирана од ревашизам и од, како што додаде, очајот на бугарската политика што веќе ги нема своите полтрони во Македонија.
„Денес, кога Македонија има стабилна Влада и јасен став, станува јасно дека нема веќе бизниси, пасоши и тајни договори во замена за уставни промени и историски откажувања. По осудата на бугарските позиции во Европскиот парламент, активирана е старата мрежа на дискредитација“, кажа пратеникот.
Во целиот случај, рече тој, очигледна била и улогата на опозицискиот СДСМ, кој, според него, наместо да се дистанцира од ваквите деструктивни операции, продолжува да учествува во нив со идеја дека ако ѝ наштети на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се врати на власт.
„Но вистината е една: со ваквите постапки, СДС ѝ нанесува директна штета на Македонија. Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ (Комитетот за надворешни работи при Европскиот парламент н.з.)! Прво се појави (Димитар)Апасиев. Не им успеа! Па следуваше ново подбуцнување: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија. Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди“, рече пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ.
Тој на крајот упати апел до јавноста, медиумите и институциите да ја сфатата, како што кажа, сериозноста на оваа операција.
„Ова не е борба против една партија, ова е безуспешен напад врз македонскиот идентитет, врз суверенитетот и врз правото на самостојна надворешна политика“, порача Лефков.
Извор: 360stepeni.mk