(ВИДЕО) Шекеринска стана прв министер кој го добил знамето на САД како симбол на заслуга
Радмила Шекеринска, која за неколку дена заминува од ресорот одбрана, стана првиот македонски министер кој добил знаме на САД во знак на заслуги за постигнувањата во одбранбената соработка меѓу Вашингтон и Скопје.
На церемонијата што се одржа во дворот на Министерството за одбрана, на која присуствуваше армискиот врв, американската амбасадорка Брнз ѝ го предаде знамето на САД, кое се веело над Амбасадата на САД во Скопје, на министерката Шекеринска како симбол на благодарноста и пријателството.
„Сакам лично да ви се заблагодарам за извонредната работа што ја завршивте за време на вашиот мандат како министерка за одбрана. Благодарение на вашите визија и влијание, Армијата на Северна Македонија брзо се модернизира и се движеше напред во целосна НАТО-интеграција. Како најнов член на Алијансата, Северна Македонија веќе е значителен придонесувач кон стабилноста и безбедноста на Западен Балкан. Под вашето лидерство, САД и Северна Македонија дополнително ја продлабочија меѓусебната соработка во одбраната како никогаш досега во 28-годишната соработка во одбраната на двете земји – изјави во обраќањето амбасадорката на САД, Кејт Брнз.
Американската амбасадорка наведе неколку примери во изминатиот период кога, како што рече, Шекеринска донела брзи и промислени активности кои значеле и поддршка за сојузниците и спасување животи.
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2022/01/2-1.jpg)
„Госпоѓо Шекеринска, вие непрекинато ја почитувавте посветеноста на Северна Македонија за мир и стабилност преку стратегиските партнерства, дури и во тешки времиња. Минатата година вие лично ни се јавивте и им ја понудивте поддршката на Северна Македонија на аваганистанските граѓани. Вашите брзи и промислени активности помогнаа да се спасат животите на околу 500 Авганистанци кои имаат привремен престој во Северна Македонија“,
рече Брнз.
Министерката за одбрана во заминување рече дека е задоволна што заедно двете држави испишале историја и покажале дека географската оддалеченост од неколку илјади километри може да се претвори во блискост и споделување на исти вредности.
„Вредности кои и во овие моменти се на тест. Заедно стоиме на страната на демократијата, правото на избор, мирот и стабилноста во пошироката евроатлантска област, каде што токму сега еден друг, и на двете земји пријателски народ, бие битка за политичка слобода, да ја определи својата иднина – рече Шекеринска.
Во изминатите 4 и пол години во кои Шекеринска го водеше ресорот се одржале повеќе од 40 заеднички вежби со САД во кои учествувале 5.000 македонски и 3.000 американски војници.
![](https://360stepeni.mk/wp-content/uploads/2022/01/1-1.jpg)
„За министер за одбрана не постои поголема награда од тоа да работиш и да учествуваш во двата историски резултати од последните две пандемски години – членството во НАТО во 2020 година и целосна воена интеграција со Алијансата во 2021 година. Овие успеси се наша национална гордост, но тие имаат силен печат од нашиот сојузник и зад нив стои силна американска поддршка и помош. Благодарам што останавме со нас и покрај нас, благодарам што верувавте и кога ние ја губевме вербата, благодарам што постојано дававте поддршка на Министерството, Армијата и на нашата држава – порача Шекеринска.
За неколку дена Шекеринска заминува од министерската позиција. Неа ќе ја наследи Славјанка Петровска. Дали ќе има и кој ќе биде нејзиниот иден ангажман, Шекеринска засега не открива.