(ВИДЕО) Што имаше во рајот за отпад во Визбегово пред и по пожарот?

Еколошкиот криминал во Македонија има добиено димензија на сериозен криминал и спаѓа меѓу најсериозните по тежина кривични дела, ни објаснија во Јавното обвинителство. Во оваа институција велат дека постојат индиции за меѓународен пат на отпадот и затоа овој криминал ја има добиено таа димензија. Докази сѐ уште нема, бидејќи сторителите на кривичното дело имаат право да лажат во постапката, да не откријат од каде им е отпадот и да не одговараат за лажно сведочење. За лажно сведочење одговараат сведоците во постапката. Обвинителите се обидуваат преку документацијата на фирмите да ја извлечат таа поврзаност, пишува Нота.

Во Македонија не постои конкретна специјализација на обвинителите за еколошки криминал. Обвинителите во Македонија работат на секаков вид криминал и во текот на кариерата посетуваат обуки поврзани и со еколошки криминал.

Јавната обвинителка Елена Жакула работи на предмети за еколошки криминал со отпад и го забележува зголемувањето на овие дела.

Елена Жакула јавен обвинител

„И законодавецот ја препозна потребата да се интервенира во казната кај овој вид на кривично дело, бидејќи можеби на таков начин овој тренд на пораст на овој вид на кривични дела ќе се намали. По трендот на зголемување на кривичните дела се зголемија и казните. Казните зависат од видот на отпадот што се селектира, односно се одлага на овие депонии, и од последиците, коишто се предизвикани. Казната е од една до десет години. Меѓутоа, доколку станува збор за опасен отпад, тогаш казната е значително поголема и е најмалку четири години. Дали кога ќе знае сторителот каква казна му се заканува да му биде изречена ќе му биде поважен профитот којшто ќе го оствари, од нелегалното собирање, транспортирање и управување со ваквиот вид на отпад“, објаснува јавната обвинителка Елена Жакула.

Обвинителството постапува по пријава, по допрен глас, но и самоиницијативно по проблем забележан од страна на обвинителите. Обвинителката Жакула вели дека трошоците за откривањето и справувањето со овие кривични дела се огромни.

Обвинителство Скопје

„Апсолутно е дека трошоците од откривањето на овие кривични дела, па сѐ до нивното конечно завршување се огромни. Конкретно сакам да кажам за последниов тренд на опожарување на овој вид на нелегално детектиран отпад, којшто од самиот почеток изискува низа на трошоци. Законските одредби во однос на ништењето се не до крај доречени, а особено што на овие отпади е селектиран разновиден отпад. Значи, станува збор за опасен отпад, за отпад којшто понатаму може да биде одложен во Дрисла како единствено претпријатие, коешто како крајна дестинација се занимава со овој отпад“, објаснува обвинителката Жакула.

Во Обвинителството дополнително ни објаснија дека на оваа институција неискористениот буџет во тековната година не ѝ се префрла за следната, туку тој се враќа во државниот буџет. Бидејќи однапред не може да се предвиди бројот на криминални случаи или, пак, на пожари на депонии, какви што имавме годинава, оваа институција се соочува со финансиски предизвици.

Во Обвинителството укажуваат дека овој криминал се открива со надзор во превентивна смисла и со ангажман на сите институции – и на цариниците и на полицајците и на инспекторите.

Обвинителство Скопје

„Еколошкиот криминал е навистина една катастрофа. Не само што се загадува воздухот. Таквото загадување на воздухот, почвата и водата има дирекно влијание на здравјето на граѓаните. Треба да се превенираат последиците од евентуално сторување на ова кривично дело. Токму од оваа причина говорам дека секој од нас е општествено одговорен каде, како и каков отпад одлага или пак фрла. Секако дека Обвинителството кога стапува на сила последиците се веќе настанати. Токму затоа оваа општествена свест треба да биде на едно многу повисоко ниво за да се спречат понатамошните последици од истото“, вели обвинителката Жакула.

Обвинителката работи на случаите во кои депонии летово гореа во Скопје. Два дена пред пожарот во Визбегово ние бевме до депонијата што гореше. На оваа фотографија се гледа купот старо железо и згмечените автомобили, коишто гореа. Исто така се забележува дека на дел од автомобилите не им беа извадени гумите.

Визбегово депонија пред пожарот

Пред депонијата се наоѓаа едно големо буре и дрвени пелети. На депонијата имаше и најлони.

Два дена потоа од сите страни на Скопје се гледаше и чувствуваше густиот црн чад од депонијата, што се гледа и на овие хеликоптерски снимки од МВР. Ние се вративме на местото кога црниот чад веќе не беше видлив, но депонијата сѐ уште гореше, а пожарникарите се обидуваа да го стават огнот под контрола.

Обвинителството во интензивната фаза од истрагата не може да открие дали сопствениците имале нешто што не смееле да го селектираат, ниту дали ги надминувале дозволените количините. Законски изигрувања сепак се откриени, како и нелегално депонирање на соседна парцела. Во документацијата стоело дека пресуваните автомобили се без гориво во нив. Обвинителството истражува што сепак го иницирало пожарот.

Како специфика за овој отпад, што сакам да ја истакнам сега, е дека станува збор за легален отпад, којшто претходно ги добил сите дозволи од надлежните институции, меѓутоа моја претпоставка е дека растечкиот профит од тргување со отпадот на некој начин ги поттикнал да направат некои отстапки или, пак, изигрување на законските одредби и да постапуваат поразлично од она што го имаат во дозволите. Тука констатиравме конкретно одредени недостатоци и законски изигрувања, коишто дополнително ги испитуваме. До овој момент, колку што е обработена сметководствената евиденција на ова правно лице, поголемиот дел од отпадот е од домашни правни лица и од физички лица, секако, со коишто имаат склучено договори за одлагање на отпад конкретно на таа локација“, објаснува јавната обвинителка Елена Жакула.

Обвинителство Скопје

Локацијата е во близина на границата со Косово. Лицата, коишто се вклучени во случајот, се две лица од Велес и лице, коешто е сопственик на приватниот имот. Тоа веќе беше соопштено во јавноста. Поради близината на границата со Косово прашавме – дали истрагата можеби оди и во таа насока да се провери дали постои некој прекуграничен елемент во кривичното дело?

Во овој момент ваква индекација сме немале, меѓутоа доколку се појави при деталната анализа, на којашто сѐ уште се работи, секако дека ќе бидат вклучени и ќе се бара соработка и од другите држави“, вели Жакула.

Прашавме што правеле и за што го собирале тој отпад сопствениците на фирмата, на што обвинителката одговори: „За понатамошен транспорт и извоз претпоставувам. Сѐ уште работиме на откривање на крајната дестинација на отпадот“.

Бирото за јавна безбедност забележува тренд на шверцување странски половни возила, кои во Македонија се демонтираат.

„На подрачје на Северна Македонија посебно актуелен е и трендот со криумчарење на странски половни возила, од кои дел се препродаваат како половни, а дел се растураат и се користат за продажба на делови. (…) Криумчарењето на странските половни возила најчесто се врши преку источната граница со Бугарија, за што разузнавачките сознанија предупредуваат за постоење на изразена корупција и криминална инволвираност на царинските службеници“, стои во извештајот SOCTA 2025 на македонското Биро за јавна безбедност.

Визбегово дива депонија

До депонијата со пресувани автомобили во Визбегово, на патот кон црквата Свети Атанасиј се наоѓа огромна дива депонија, видлива од автопатот кон косовската граница, но и од сателит. На влезот на патот кон црквата стои натпис дека имотот е приватен и дека се снима со камера. Неколку минути по нашето доаѓање пристигна сив автомобил со две постари лица – маж и жена. Мажот рече дека просторот е нивна сопственост и дека некој постојано им фрла отпад. На прашањето зошто не побара помош од некоја институција, тој скептично праша – од која институција?

Летово оваа депонија гореше неколкупати, а во медиумите беше нагласено дека таа со децении ги труела скопјани. На некои места и по скоро пет месеци беа видливи траги од горење. Покрај стар мебел, градежен шут, стари гуми, бали со алишта и домашен отпад, на повеќе места на депонијата се наоѓаат и азбестни плочи.

Кон крајот на јуни, Центарот за управување со кризи објави дека е испратен допис до Град Скопје – Сектор за јавна хигиена и до Општина Шуто Оризари со итни препораки за преземање мерки. „Постои сомневање дека пожарите се подметнати“, стои во соопштението од ЦУК, во кое се бара обезбедување на чуварска служба и интензивирање на инспекцискиот надзор против незаконското фрлање отпад на локацијата. По скоро пет месеци на нелегалната депонија и натаму се трупа отпад.

Се обративме до новата градска администрација со прашање – дали е планирано чистење, инспекција, воведување чуварска служба и дали воопшто ќе се постапува по барањето на ЦУК? Од кабинетот на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, не добивме одговор.

Труењето на скопјани со запален смет минатово лето продолжи и со горењето на стара електронска и електрична опрема, отпадни батерии, акумулатори и отпадни тонери во Трубарево. Четата за атомска, биолошка и хемиска одбрана била ангажирана од страна на Обвинителството за испитување на загадувањето на воздухот. Нивоата на загаденост се мереле од еден до девет. Оваа чета утврдила загаденост од над девет и препорачала евакуација на населението. На крајот, ниту еден жител доброволно не се евакуираше.

Трубарево запален отпад МВР

© МВР

„Веќе сме во фаза на испитување на конкретните последици во водата и почвата. Ќе се компарираат добиените податоци и веќе во финална фаза ќе излеземе со конкретни податоци за тоа што конкретно горело и што точно таквото горење испуштило и кои се последиците од истото. На некој начин пожарите беа индиректна причина за ние да откриеме што всушност се случувало на таквите отпади. Како што ви кажав и претходно, се наоѓаме во една сензитивна фаза, ја обезбедуваме целокупната документација и работиме на конкретно откривање на отстапките, коишто кај овој отпад се констатирани“, објаснува јавната обвинителка Елена Жакула.

Во однос на депонијата Вардариште, за раслика од случаите во Визбегово и Трубарево, се работи за активности со отпад без поседување на фирма.

„Работиме на откривање на секој можен потенцијален сторител, којшто на ваков начин ќе се обиде да селектира отпад и со тоа да предизвика загрозување на животната средина, особено на здравјето на граѓаните. Како Обвинителство правиме секакви напори да се утврдат сите индивидуални одлагачи – незаконски, на отпад на оваа депонија и да ги неутрализираме“, нагласува обвинителката Жакула.

Проблемот во Македонија е што не постои лабораторија, којашто ќе ја утврди причинско-последичната врска која доведува до екоцид.

Отпад дива депонија Софија

Според македонскиот Државен завод за статистика, во земјата меѓу јануари 2015 и август 2025 година легално се увезени вкупно 2.198.502.007 килограми отпад. Од тие вкупни количини најмногу отпад е увезен во 2017 година. Пораст се забележува и во минатите две години. Под царинскиот код за електричен, електронски и отпад од акомулатори од 2015 до август 2025 година се увезени над 46 милиони килограми отпад. Најчесто таквиот отпад се увезувал од Косово, Албанија, Србија и Бугарија. Сепак, најголемите количини отпад, или скоро две милијарди килограми, се увезени под царинскиот код за „други отпадоци и остатоци“. И тука Бугарија, Србија и Косово предничат во извозот на отпад кон Македонија.

Овој текст, прекуграничното истражување и изработката на документарно-истражувачкиот филм „Нелегалните патишта на отпадот“ беа направени со поддршка на Journalismfund Europe.

 

Back to top button
Close