Видео : Силниот земјотрес предизвика значителни материјални штети во Битола
Силен земјотрес со јачина 5,5 степени според Рихтер вечерва ја погоди Грција, а се почувствува низ цела Македонија.
Епицентарот на земјотресот бил 4 километри од грчкиот град Лерин (Флорина), кој се наоѓа во близина на Македонија, на длабочина од 10 километри.
Земјотресот предизвикал и значителна материјална штета, односно испукани се ѕидовите во неколку згради низ Битола.
Граѓаните велат дека не паметат ваков земјотрес, а додаваат и дека вечерта ќе ја поминат надвор од своите домови.
Според ТВ 21 телевизија, Битолчани се собрани пред зградите и пред куќите има гужви и во парковите, големи редици за бензин на бензиските пумпи затоа што многумина имаат намера да ја напуштат Битола.
Во Битола е забележлива и поголема раздвиженост со автомобили, јавува Телма.
Ова е последица на три силни земјотреси на грчка територија, меѓу преминот Меџитлија и градот Лерин.
По првичниот силен земјотрес со интензитет од 5,5 степени според Рихтер, во Грција следуваа уште два земјотреси со интензитет од 3,5 и 4,2 степени според Рихтер.
Вториот земјотрес (3,5 степени) бил на 19 километри од Битола, додека пак третиот (4,2 степени) беше на 10 километри од Лерин (Флорина).