(Видео) Симовски: Успешно спроведување на пописот е важно и за приближувањето кон ЕУ

За пописот како статистичка операција е важно да биде спроведен според сите стандарди и протоколи предвидени за тоа, а коментарите од политички побуди не нè интересираат, вели првиот човек на Државниот завод за статистика

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во вечерашното гостување на „360 степени“ кажа дека успешното спроведување на пописот е важно и во контекст на евроинтеграцијата на земјава, бидејќи статистика е едно од поглавјата кои се врзани со процесот за приближување кон Европската Унија.

„Поглавјето 13 е статистика, а клучниот фактор за напредок во ова поглавје е спроведување на попис. Но, да не заборавиме дека ова поглавје е во првиот кластер заедно со правосудство, администрацијата и слично“,вели Симовски.

Додаде дека во неговата кариера од три децении во Државниот завод за статистика секогаш при спроведување на попис имало одредени страни кои негодуваат, но потенцираше дека пописот е статистичка операција, а коментарите од политички побуди нив не ги интересираат.

„Негодувања секогаш имало и не постои попис досега којшто не е негиран од некого, барем откако јас сум дел од Државниот завод за статистика, а тоа е 31 година. Меѓутоа, елементарната работа е дали тој е спроведен согласно статистичките правила, бидејќи тој е статистичка операција. Било какви коментари особено оние кои имаат политички побуди едноставно не нè интересираат. Она што е важно е дали оваа статистичка операција сме ја спровеле согласно сите стандарди и протоколи кои за тоа се предвидени“, рече Симовски.

Back to top button
Close