ВИДЕО: Советник на Чулев физички нападна началник од Тетово

Зоран Ѓорѓиевски, советник во Кабинетот на техничкиот министер Наќе Чулев, физички го нападнал началникот на Единицата за безбедност во сообраќај во СВР Тетово, Зоран Талев, кој бил на терен поради увид на сообраќајна несреќа која се случила претходно, објави А1он.

Инцидентот започнал со вербална расправија, а интервенирале и полициски службеници. Засега, непознато е која е причината за физичката пресметка која се случила во Тетово на крстосницата меѓу улиците „Борис Кидрич“ и улица „120“ пред локална кафетерија.

Советникот Ѓорѓиевски ѝ е познат на јавноста и по инцидентот кој го предизвика кога во Македонија беше воведен полициски час. Тогаш, тој се закануваше на полициски службеник кој го сопре на контрола и му побара дозвола за движење. Тогаш, Ѓорѓиевски спротивно на своите овластувања, му издаваше и наредби на службеникот, посочувајќи му дека ако не го послуша, ќе трпи последици.

Но, Ѓорѓиевски досега не е казнет за инцидентот, а од Кабинетот на Чулев тврдеа дека Одделот за внатрешна контрола не утврдила одговорност кај советникот. Тие додаваа дека му посочиле на советникот во иднина на внимава на своето однесување.

Од МВР засега нема официјален став за инцидентот, ниту за причините поради кои се случил. Од министерството треба да одговорат и дали Одделот за внатрешна контрола ќе постапува за да утврди евентуална одговорност кај Ѓорѓиевски или кај началникот на Единицата за безбедност во сообраќајот

Back to top button
Close