(ВИДЕО) „Спејс Тетово“ не може да влезат во просториите, им ја промениле бравата откако го дале клучот на Општината за изложба

 

Станува збор поранешниот објект на Радио Тетово, кој со години беше напуштен. Волонтерите со помош на белгиска организација во 2018 г. го ревитализираа просторот и го претворија во социјален-културен центар. Минатиот месец Општината им прати барање да го ослободат просторот додека од невладината тврдат дека тие имаат меморандум за користење до април 2024 година

Активистите и волонтерите од невладината Социјален културен простор Тетово, познат како „Спејс Тетово“, не можат да влезат во просториите што ги користат бидејќи синоќа некој им ја променил бравата.

Ова, како што тврдат активистите, следува откако клучот од просториите го дале на општинското Одделение за култура со цел да организираат изложба. Во разговор за „360 степени“, тие велат дека изложбата почнала во понеделникот (21 ноември) и требало да заврши денеска (25 ноември), но наместо да го добијат клучот назад, во текот на ноќта бравата била променета.

Тие објавија и видео и за ова ја обвинуваат Општината која уште претходниот месец сакаше да им го одзеде просторот.

„Ги споделуваме снимките од безбедносните камери на кои јасно може да се види како синоќа (24.11.2022 г.) од 23:33 часот овие лица (за кои немаме информации какви функции извршуваат во Општината или дали воопшто имаат некакви функции) ја отвораат вратата со клучот земен во доверба од заедницата (а потпишан од една од организаторите на претходната изложба, Елма Шерифи), по повод организацијата на колективната изложбата, за потоа да ја променат бравата на влезната врата, инвестиција на волонтерите на ДКЦ-Тетово и си честитаат за овој вандалски чин. После тоа, рано наутро, ги запираат и камерите за да не снимаат други настани. Ова треба да биде културниот сектор на општинската администрација, култивиран за интриги и вандализам“,пишува во објавата на Фејсбук од „Спејс Тетово“.
Активистите ги поседуваат снимките од безбедносните камери со оглед дека биле поврзани онлајн. Иако камерите биле исклучени, тие продолжиле да работат уште одредено време бидејќи имале и батерии.

Инаку, станува збор за поранешниот објект на Радио Тетово, кој со години беше напуштен. Волонтерите, со помош на меѓународна организација, во 2018 г. го ревитализираа просторот и го претворија со социјален-културен центар. Оттогаш и го користат.

Меѓутоа, Општината минатиот месец сакаше да им го одземе и го определи општинското Одделение за култура и спорт како надлежен сектор да ги координира сите културни активности на невладините организации. Тие побараа од „Спејст Тетово“ да го ослободи просторот и, како и други невладини, да аплицира со поединечни настани за да може да го користат.

Од „Спејс Тетово“, пак, реагираа и побараа јавна поддршка бидејќи велат дека имаат меморандум за користење на просторот до 2024 година. Откако во 2018 г. го добиле објектот првично на шест месеци, потоа со поранешната локална власт потпишале неколку меморандуми од кои последниот бил во април 2021 г., а со важност до април 2024 г.

По јавното спротивставување на активистите, ситуацијата околу тоа кој го користи просторот остана „статус кво“. Од една страна, Општината остана на барањето за ослободување, од друга страна, „Спејс Тетово“ на тврдењето дека тие имаат право да располагаат со просторот што сами го ревитализираа.

Во јавните настапи, градоначалникот Билал Касами тврдеше и дека до Општината граѓани се жалеле на оваа невладина организација од повеќе причини: паркирање на погрешни места, фрлање ѓубре околу објектот, гласна музика до раните утрински часови, прекумерно консумирање алкохол и друго неетичко работење.

Тој во тврдењата отиде и подалеку кога на прашање на „Порталб.мк“ за какви активности станува збор, одговори: „Порнографски активности“.

Од „Спејс Тетово“, пак, остро одговорија дека градоначалникот клевети и зборува невистини.

„В.д. градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, на денешната прес-конференција, освен вообичаените клевети и погрешни пристапи кон заедницата, нашиот простор и младите кои 4 години го создаваа, одржуваа и фреквентираа, денеска без никаков срам, јавно не обвини дека организираме ‘порнографски активности’ во нашите простории. Шокирани сме од оваа длабоко навредлива изјава, особено што доаѓа од просториите на градската општина, храмот кој треба да биде прва помош во подобрувањето на условите и понудата за граѓаните и младите“, реагираа тогаш од Социјален културен простор Тетово.

Back to top button
Close