Видео: Српската полиција и жандармерија интервенираа пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт во Нови Сад
Српската полиција и жандармерија употребија вечерва солзавец и шок бомби во обид да ги растераат учесниците на протестот пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад.
Според српски медиуми, бројни полициски сили се обидуваат да го испразнат кампусот од студенти, професори и граѓани, по мирниот протест.
Министерството за внатрешни работи на Србија еден час претходно соопшти дека имаат сознанија дека учесниците на ненајавениот собир во Нови Сад имаат намера да ја нападнат полицијата стационирана пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт и физичко образование во тој град.
„Ги предупредуваме сите собрани да го почитуваат законот и да не ја напаѓаат полицијата. Во спротивно, полицијата ќе биде принудена да реагира и да ги преземе сите мерки предвидени со закон за да го заштити сопствениот живот, безбедноста и да го зачува стабилниот јавен ред и мир“, се наведува во соопштението на МВР.
Во Нови Сад се одржува протест – Србија, дали се слушаме – на кој повикаа студентите во блокада. Причина е кршењето на автономијата на универзитетот и прекумерната употреба на сила од страна на полицијата за време на протестот во претходните денови пред Филозофскиот факултет и Факултетот за спорт и физичко образование.
— Blokada PFNS ⚖️ (@BlokadaPFNS) September 5, 2025