(ВИДЕО) Стадион: Дали затворите се вистинска казна само за сиромашните?

Може ли со пари и зад решетки да се живее комотно и убаво, а од ќелија да си ги водиш и бизнисите? Дали затворите се вистинска казна само за сиромашните? Какви се условите во нашите затвори? Има ли тортура, насилство, дрога, наркоманија? Зошто во Македонија нема приватни затвори? На оваа тема се дебатираше во „Стадион” на Радио Канал 77 со Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции, Есад Рахиќ директор на КПУ „Затвор Скопје” и новинарот Томислав Кежаровски.

– Корупцијата во вакви установи и кај нас, па и во светот, тешко може да се искорени. Се бориме да ја намалиме. Треба да имате определени стандарди. На пример, голем проблем ни’ се мобилните телефони. Уште немаме изградено систем на говорници од кои притворените и осудените лица еднаш или двапати неделно ќе може да се јават. Затворите за жал се тема само кога ќе дојдат Велија, Орце и Боки 13 – истакна Есад Рахиќ.

Според Рахиќ за поефикасно да се справиме со корупцијата треба да се зголемат ингеренциите на директорите во поглед на дисциплинските постапки, затоа што сега за секој прекршок одлучуваат самите вработени и затворски службеници кои не си ги вадат очите еден со друг.
– Треба да профункционираат и затворските економии, ние ги намалуваме трошоците со приклучок на гас и соларна енергија, но државата треба да понуди поголем финансиски капацитет за реновирање, затоа што најголем дел досега се должи на донации и спонзорства – вели Рахиќ.

Директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ нагласи дека нема привилегирани во однос на корупцијата и оти секој се пријавува кај надлежните служби и институции.

Колку е точно дека за кревет во затвор се плаќа и по 2.000 евра, за мобилен телефон по 300, имаат ли посебен третман Косоварите осудени за Диво Насеље и како тие од затворот се најдоа во емисија во живо на косовска телевизија.

– Некои работи можеби се случувале порано. Во август 2017 година во затворите имавме нешто повеќе од 2.500 осудени лица, а капацитетот на македонскиот затворски систем е за 2.300. Во моментот имаме 1.820 осуденици. Значи, давањето пари за кревет отпаѓа. Што се однесува до Косоварите, емисијата на косовската телевизија не била во живо, туку телевизијата ги монтирала снимките од мобилен телефон за да изгледаат како директно јавување. Одземен им е мобилниот телефон и се поведени дисциплински постапки. Не правиме исклучок за никого – рече Јовица Стојановиќ.

Корупцијата секогаш почнува од вработените во затворите. Најчесто како причина за коруптивното однесување на службените лица се посочува ниската плата на истите, за што Стојановиќ вели дека е веќе минато затоа што со новиот Закон за извршување санкции и новите правилници просечната плата во затворскиот систем е поголема од 30.000, а еден заповедник зема плата над 50.000 денари. Блиску се до изедначување со платите со МВР.

Оваа година буџетот на затворите во однос на здравството изнесува 30 милиони денари, Диркеторот на Управата за извршување санкции вели дека за прв пат оваа година затворските лица се здравствено осигурани.

Новинарот Кежаровски нагласи дека дека биле најавувани реформи во судството, обвинителството, во МВР, но многу малку се направило.

– Неодамна бев во посета на затворот во Хамбург, Германија. Директорката ми рече дека таа на чело на затворот е 29 години. Се изненадив. Таму тоа било нормално. Колку ли директори кај нас се сменија за три децении? Да се тргне политиката и партиските послушници од затворите – порачува новинарот Томислав Кежаровски, кој е основач на Центарот за помош, поддршка и ресоцијализација на притворени и затворени лица.

Тој вели дека во областа на ресоцијализација, предложил затворските лица по извршување на казна затвор да можат да бидат вработени.

Кежаровски раскажуваше за тоа како им биле продавани производите во кантината,  за Кока Кола во пластична амбалажа, каде на етикетата имало цена напишана во круг по 69 денари, плаќале по 150 денари. Исто така раскажа за  возниот парк  на затворот каде што бил притворен.

– Немаше возило, или имаше едно возило кое требаше да ме префрли итно од притворското одделение до болница, но не можеше да ме префрли зошто немаше гориво. По еден месец се јавија и ми рекоа сега може да ве префрлиме – вели Кежаровски.

Back to top button
Close