(ВИДЕО) Стигна најавената помош од ЕУ – 80 милиони евра за справување со кризата

Овие пари ќе се користат за субвенции за сметките за струја, за поддршка на малите и средни претпријатија, како и за инвестиции во енергетската транзиција

За Северна Македонија веќе се достапни 80-те милиони евра буџетска помош од Европската Унија (ЕУ) кои ќе се користат за справување со енергетската криза односно за антикризни мерки што Владата ќе ги преземе во текот на оваа година.

По тој повод денеска во Владата се одржа и настан на кој се обратија премиерот Димитар Ковачевски, неколку министри и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Особено задоволство ми е, рече Ковачевски, кога ветеното се реализира и има резултат.

„Во криза се важни пријателите, а ЕУ докажа дека има слух за нашите барања да ни помогне кога ни беше најпотребно. Секако тука се и земјите од регионот, пред сè, членките на ЕУ – Бугарија и Грција, кои исто така дадоа поддршка во справувањето со последиците од најголемата глобална криза која светот ја памети особено во делот на енергетиката“изјави премиерот.

Пакетот од 80 милиони евра го најави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, при посетата на земјава во октомври лани.

Итна буџетска поддршка од 80 милиони евра за С Македонија и грантови за инвестиции во енергетиката, најави фон дер Лајен од Скопје

Станува збор за неповратна помош и парите, рече премиерот, се веќе достапни.

„Грантот од 80 милиони евра е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, за поддршка на малите и средни претпријатија, за одржување на континуитетот на нивниот бизнис, како и за инвестиции на државата во енергетската транзиција, во обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност“посочи Ковачевски.

Евроамбасадорот Гир, пак, порача дека ова покажува оти Унијата ги исполнува ветувањата и солидарноста на земјите-членки на ЕУ – сегашни и идни, е фундаментална и опиплива вредност. Сето ова, посочи тој, е дел од пакетот од една милијарна евра што ЕУ го подготви за Западен Балкан, а кој ќе им помогне на граѓаните да се справат со проблемите предизвикани од енергетската криза.

„Сега испорачуваме помош од 80 милиони евра кои ќе влезат директно во Буџетот. За многу корисници на оваа поддршка оваа бројка не е апстрактна. Таа се состои од практична финансиска поддршка што ќе направи разлика. Нашите придонеси ги вклучуваат најранливите категории, пензионерите, самохраните родители, невработените, домаќинствата, 470 училишта, 67 јавни претпријатија кои обезбедуваат вода, како и пречистителните станици, компании кои обезбедуваат основни прехранбени производи, здравствени установи … Ова не се само бројки, ова се луѓе кои заслужуваат помош, компании и институции на кои сите се потпираме“рече Гир.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, пак, во обраќањето на настанот рече изминатиот период повеќе министерства и институции заеднички ги дефинирале потребите и изготвиле програмски документ со серија активности што се планираат и истиот го поднеле до ЕУ. Дополнително изготвиле и акциски план за енергетика во кој во детали ги опишани сите мерки што Владата ќе ги преземе за справувањето со енергетската криза.

„Покрај првичната намена на оваа финансиска поддршка од ЕУ за која веќе зборуваше премиерот Ковачевски со овие средства ќе се поддржат и структурните реформи и олеснување на енергетската транзиција. Исто така, ќе биде поддржано и ревидирање и подобрување на стратегиската и регулаторната рамка со цел зголемување на производството на енергија од обновливи извори и енергетската ефикасност, зајакнување на мрежата и развој на капацитетите за складирање на истата. Се тоа треба да обезбеди закрепнување на економијата на краток рок, но и да обезбеди долгорочна перспектива“рече Маричиќ.

Овие 80 милиони евра се дел од вкупно 225 милиони евра што Владата ги планира за мерки за справување со енергетската криза во 2023 година.

Благодарение на мерките и соработката со земјите од регионот и со ЕУ, минатата година, според премиерот, минатата година бил спречен ценовен шок и имало стабилно снабдување со електрична енергија, а се зголемило и домашното производство.

Зголемување на производството на струја продолжило и годинава односно во јануари и февруари е поголемо за 50 отсто во споредба со лани, а доколку ваквиот план се реализира и понатаму, според изјавата на Ковачевски, граѓаните ќе може да користат евтина струја. Дали ќе се врати дневната евтина тарифа, пак, рече тој, ќе одлучи регулаторот.

„Денес има и струја и парно, а рестрикции нема. Значи планот даде резултат и тоа е најдобар демант за сите критичари кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија за нашата држава кои не се остварија. Ако ЕСМ продолжи со реализација на зголеменото производство тоа ќе биде аргумент плус кои ќе овозможи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да носи одлуки во интерес на граѓаните. Ние правиме сè што е во наша моќ, а тоа е да го реализираме планот за зголемено производство за цената да биде стабилна и граѓаните да користат евтина тарифа, дали истата ќе има проширени интервали на користење во текот на наредниот период ќе покажат анализите на РКЕ“изјави Ковачевски.

Back to top button
Close