(Видео) Сторителите имале цел за егзекуција, враќањето на лопатата ја исклучува улогата на таткото, вели адвокатот на Ѓорчевски

За адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на Александар Ѓорчевски, снимката каде Велибор Манев и Боре Видевски се враќаат по лопатата откако ја заборавиле, денот кога имало неуспешен обид за грабнување на Вања – докажува дека таткото нема никаква инволвираност, а мотивот дефинитивно не е користољубие.
Со снимката се докажува дека критичниот ден на 24. ноември и враќањето на Велибор Манев и Боре Видевски за да ја земат лопатата, а тоа е денот на неуспешниот обид на грабнување, практично исклучува било каква улога на таткото во овој случај и јасна цел имале сторителите за егзекуција односно ликвидација на личноста која подоцна е грабната од зградата. Со тоа оваа секвенца е испуштена минатиот пат кога е презентиран доказот“, рече Туфегџиќ.
Тој смета дека се добиваат јасни контури на намерите на сторителите.
„Се исклучува било каква инволвираност во однос на изнуда и она што е наведено во обвинението, користољубие. И целосно се исклучува улогата на таткото во овој настан“, додаде адвокатот.
За изјавата на обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска, која рече дека во завршни зборови ќе укажат на тоа која и каква е инволвираноста на таткото, Туфегџиќ рече: „Тоа е нивно гледање на работите. До сега не е изведен ниту еден доказ кој покажува било какво учество на таткото во ова злосторство“.