(ВИДЕО) Тепачка во турскиот парламент

Пратениците на владејачката и опозициската партија се судрија во турскиот парламент поради спор околу наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк.

Физичката пресметка се случи вчера за време на жестоката дебата за предлогот за буџетот за 2026 година. Пратениците разменија удари, но и законот за буџетот и законот за финансиски извештај за 2024 година на крајот беа усвоени.

Судирот избувна откако пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Варанк, даде изјави насочени кон лидерот на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), Озгур Озел, за време на дебатата за буџетот во Големото национално собрание на Турција.

Откако Варанк го нападна Озел поради фотографиите направени на гробот на поранешниот пратеник Камер Генч, заменик-претседателот на парламентарната група на ЦХП, Гохан Гунајдин, реагираше од говорницата, обвинувајќи ја АКП за намерно разгорување контроверзии за време на дебатата за буџетот.

Потоа дебатата ескалираше во размена на остри обвинувања за наследството на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк. По понатамошни провокации, избувна физичка пресметка. Пратениците почнаа да се туркаат, а си разменија и тупаници.

Судирот траеше околу десет минути. Пратениците се туркаа додека обезбедувањето и другите пратеници се обидуваа да ги разделат. И покрај сè, парламентот продолжи да работи. Нацрт-законот за буџетот за следната година беше изгласан со 320 гласа „за“ и 249 „против“, додека финансискиот извештај за 2024 година беше усвоен со 316 гласа „за“ и 247 „против“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пофали гласањето за буџетот во објава на социјалната мрежа Икс.

„Сакам нацрт-законот за буџетот за 2026 година, кој беше усвоен вечерва во Големото национално собрание на Турција, да биде од корист за нашата земја, нашиот народ и нашата економија“,рече Ердоган.

Back to top button
Close