(Видео) Тепачот на кучето Феликс да добие затворска казна. Активистите пред кривичен суд

Во Кривичниот суд во Скопје денеска почна судењето против Љубе Крстевски со соучесник, кој на суров начин, со метална шипка и без повод го претепа до смрт бездомното куче Феликс, за што заработи кривична пријава од Здружението за заштита на животните Анима Мунди и ЈП Лајка.
Адвокатот на обвинетиот побара време да ги разгледа доказите, по што судењето беше презакажано.
Феликс по два месеци лечење умре во агонија.
Анима Мунди и ЈП Лајка на протестот бараа најстроги казни за ваквите дела и иницираа промена на Кривичниот закон за да ваквите дела не поминуваат веќе заборавени, премолчени и без казна.
– Се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое, и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците, порачаа учесниците на протестот.
Тие бараат внесување на нови прецизно дефинирани категории во кривичниот законик, односно нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.