(ВИДЕО) Тошковски од Вашингтон: МВР ќе добие 3,5 милиони долари поддршка од САД

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој е дел од македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД), ги оцени како одлични разговорите што денеска ги имале во Вашингтон на тема безбедност.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски / Фото: Принтскрин

Тошковски, во таа насока, информира дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе добие поддршка од околу 3,5 милиони долари од САД, кои ќе бидат насочени за граничната полиција, борбата против тероризмот и транснационалниот криминал.

„Македонија, односно Министерството за внатрешни работи, добива поддршка од околу 3,5 милиони долари од Соединетите Американски Држави коишто ќе бидат насочени особено во делот на граничната полиција и борбата против тероризмот и транснационален организиран криминал“,изјави Тошковски.

Според ресорниот министер, со чекорите преземени во минатото и оние што се предвидуваат за во иднина ќе се зајакне не само безбедноста на македонските граѓани, туку и на Соединетите Американски Држави.

„Со сите овие заеднички чекори коишто ги преземавме во минатото и со сето она што ќе следува во иднина и тоа како ќе ја зајакнеме безбедноста не само на македонските граѓани туку и на сите оние коишто да речеме транзитираат низ Македонија, и секако би можело да влијаат на каков било начин на безбедноста и на Соединетите Американски Држави. Следствено на тоа, сè она што беше преземено како чекори во рамки на она што претходеше на Стратешкиот дијалог што го имавме, навистина сум сигурен дека во иднина ќе даде одлични резултати“,изјави министерот за внатрешни работи.

Информирајќи за учеството на Тошковски на Стратешкиот дијалог со САД, од Министерството за внатрешни работи велат дека како институција ставаат силен акцент на зајакнувањето на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и на унапредувањето на разузнавачката соработка со партнерските служби.

Паралелно, додаваат оттаму, се работи и на унапредување на кибербезбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите, а целта е поефикасна заштита на институциите и критичната инфраструктура.

„Соединетите Американски Држави остануваат најважен стратешки партнер на државата и силен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и демократските капацитети“,наведуваат од МВР.
Македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со САД ја предводи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, а покрај Тошковски, дел од неа се министрите за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Back to top button
Close