ВИДЕО | Трајанов: СДСМ мора да си ги среди редовите и односите во коалицијата

За исходите од локалните избори, за неговите проценки за тоа што треба да се прави понатаму во коалицијата на власта во која членува и неговата партија Демократски сојуз, во Утрински брифинг разговаравме со Павле Трајанов.

-Анкетите целосно потфрлија со проценките. Но, гласањето е реален одраз на определбата на граѓаните. Причините на потфрлањето на коалицијата и СДСМ мислам дека пред се е резултат на внатрешното неединство во партијата. Се зборуваше дека скопскиот огранок нема да ги поддржи СДСМ. Се покажа дека ВМРО-ДПМНЕ знаат да се обединат секогаш кога се гласа. Кај СДСМ поради поширокиот демократски идентитет, потфрлија, вели Трајанов.

Кога СДСМ владејат тие се опуштени. Кај ВМРО-ДПМНЕ никогаш не е така.

-Анализите покажуваат дека активисти и членови на СДСМ не излегоа на гласање. Можен е и пресврт во вториот круг. СДСМ има 23 коалициски партнери кои беа пасивни во првиот круг, сега треба да излезат на гласање и да се обединат. Разликата е мала. Пред вториот круг има кампања која е манипулација, дека ние не бираме локална туку централна власт. Мислам дека Заев може внатре да ги отвори прашањата околу кадровски преомени и предвремени избори, но сега не треба да се зборува за тоа затоа што ги демотивира неговите гласачи. Потегот со најава за оставка на Заев демотивира. Владата е стабилна и има стабилно парламентарно мнозинство и тоа треба да се кажува, вели Трајанов.

-Парламентарно мнозинство не се прави со медиумски притисок. Сега сме во локални избори и треба да ги афирмираме градоначалниците, коментира лидерот на Демократски сојуз.

Тој вели дека од независните кандидати повеќето се кадар на СДСМ.

-Јас сум за тоа СДСМ да си направи анализа како функционира. Ако сред изборна кампања кажете дека ќе се брише бугарски фашистички окупатор, тоа е контрапродуктивно. СДСМ мора да ја ревидира внатрешната и надворешната политика. Има прашања кои јас апсолутно не би ги поддржал, како што е берзата со пратеници. Не може самостојно СДСМ да одлучуваат а одговорноста да паѓа на сите, коментира Трајанов.

-Ние како партија сме стратешки определени за НАТО и ЕУ, но не поддржуваме распродажба на земјоделско земјиште и легализација на објекти и некои други работи. Ние имаме принципиелни ставови и ќе ги презентираме.

-Како се намалува поддршката на ЕУ така паѓа поддршката за Владата. Ние направивме тешки реформи и тешки отстапки и тоа требаше да се ефектуира. Тоа влијаеше на рејтингот. Мораме да ја редифинираме надворешната политика, да има платформа усогласена со опозицијата. Заглавивме со Бугарија затоа што во договорот со нив пишува дека имаме заедничка историја. На Балканот сите имаме споделена историја, но Бугарите тоа го злоупотребуваат, коментира Трајанов за Утрински брифинг.

Целиот разговор во видеото

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close