(Видео) Трилинг: Архитектот Мишко Ралев можен кандидат за градоначалник на Скопје
Скопје е стар град. Неговата историја се протегнува низ некои 2000 години. Скопје е микс на своето минато и на своето современие. Можеме да се пофалиме дека оваа наша Стара чаршија е една од поголемите и на овој дел и во овој регион е и најголема. Антиквизацијата е дел од ништо. Тоа е една налудничава идеја. Тој израз кај нас во архитектурата не постои – „антиквизација“. Тоа е политички поим кој претпоставува не знам што.
Јас и не го разбирам, односно може да го разберам како како поим кој ја означува таа налудничава идеја за големиот проект „Скопје 2014“. Знаете, ние не враќаме ништо. Значи сите овие објекти што се правени, дури и реконструкцијата, односно рефасадирање на фасадите не враќа ништо што постоело тука за да биде некаква антиквизација. Такви објекти не постоеле во Скопје. А и нивната декорација е измислена. Мене во суштина повеќе ме боли урбанистичкиот акт во „Скопје 2014“ отколку декоративниот акт. Затоа што се измислени локации коишто не се природни.
Еден пример – Јавното Обвинителство кое ставено или Археолошкиот музеј кој е толку приближен до реката каде таков таков урбанистички третман не постои, не смее да има, во близина на река. Па дури и пешачката пасарела, затоа што нема доволно место е конзолно исфрлена врз кејот. Правена е интервенција на горната страна кејот за да има простор за движење на луѓе. И ако седнете и измерите која е дистанцата од оградата до објектот нема ни три метра, изјави за магазинот „Трилинг“ универзитетскиот професор, архитектот Ралев.

Говорејќи за тоа како е возможно да никнат речиси 150 дивоградби во Чаир и како да се запре оваа градежна и урбанистичка злоупотреба, Ралев со мислење дека ние едноставно не сакаме да го запреме.
„Јас и додека бев претседател на Асоцијација на Архитекти на Македонија беше донесување на Закон за продолжувањето на законот кој ги третираше објектите изградени до 2011 година. Тогаш ние излеговме со став дека дивоградбите сами по себе не можат да се легализираат без обемна инженерска анализа. Што значи тоа? Значи вие имате објект што не ги поминал процедурите како што секој проект ги поминува. Имате проектирање, ревизија, па супер ревизија на Институтот за земјотресно инженерство. Значи супер ревизија на конструкцијата, затоа што Скопје е трусно подрачје и потоа аплицирате во соодветната општина за одобрение за градба. Значи и таму се проверуваат содржината на проектите, елаборатите кои треба да ги има. Сето тоа е една проектантска процедура.
-Ралев смета дека за сите овие дивоградби некој свесно прогледувал низ прсти. Ако одите по оваа законска процедура, вие имате временски термини – да се даде на ревизија, да се добие одговор, да се даде на супер ревизија, да се добие одговор од супер ревизија и сето тоа ревидирано да го аплицирате во општина, па таму да сочекате и сето тоа има некој свој и финансиски ефект. Проектантите се плаќаат, плаќате комуналии. Плаќате зошто вие тоа го работите законски затоа што сте дел од Законот на Детален урбанистички план (ДУП). ДУП-от ги носи капацитетите – водоснабдување, снабдување со енергија, просторно снабдување, зонско снабдување. Значи вие сте планирани да бидете таму со својот капацитет, пет ката, шест ката, густина на население. Значи урбанистичките планови тоа го предвидуваат. И сега вие влегувате со дивоградба. Тоа е едно тотално лудило, затоа што вие мора законски да се приклучите на инфраструктурата на градот. Како може да ве приклучи ако сте дивоградба?“, прашува Ралев.
Професорот вели дека не е политичар за да знае како тоа на политичарите им проаѓа, но смета дека тоа свесно го прават затоа што постојат закони.
„Вие како политичари, како власт, како управа, вие морате да ги спроведувате законите и се што е вон закон вие мора да го казнувате. Се вадиме дека немаме инспектори, дека тие треба да дојдат по повик. Политичарите можеби и си ги средуваат некако овие регулативи за да нема инспектори, за инспектор да не може сам да излезе да види што се случува. И сега ние гледаме, не знам дали е тоа акциона драма или комедија, дека се споредуваат сателитски снимки на одредени локации во одредени временски термини кои покажуваат дека во тоа време немало објект. Значи ние имаме една временска граница, тоа е 2011. Значи тоа е пред 14 години. За овие 14 години се изградени 90% од сите дивоградби, а ги датираат пред 2011 и никој не се дрзнува да ја земе како доказ сателитската снимка, вели Мишко Ралев.

За впечатокот дека кога се дивоградбите има дослух помеѓу централната и локалната власт, вели дека ова прашање отвора други аспекти, а тоа е уредувањето на Градот Скопје кој има 10 општини и Град Скопје.
„Тука сега се поставува една констатација дека ние сме уникатен град каде што локалните самоуправи, односно општините во Град Скопје имаат недозволиво големи ингеренции. Кај нив во локалната самоуправа ги донесуваат ДУП-овите на совет на општина. Они бараат некое одредено мислење од Министерството за транспорт и врски само во процесот на донесување на ДУП-от. Таков град нема. И големите градови, Париз, Њујорк, сигурно дека се организирани во помали просторни единици, но тие просторни едници немаат такви овластувања. Сличен град на Скопје е Белград, каде што општините немаат ингеренции како што ги имаат општините во Скопје“, вели Ралев.
Според него небулозни се нападите кон градоначалничката Арсовска од типот „Да го направевте ова во првата година ќе ви верувавме“.
„Ова што го кажува таа се факти. Не можеме ние да кажеме кај беше пред 4 години. Можеби се собирале податоци, но не е битно. Сега се кажуваат. Во тој момент кога се кажуваат криминалните работи тие важат. Не можеме да кажуваме ‘не важат зошто не си ги кажала во првата година’“, смета Ралев.
Во разговорот професорот и архитект Ралев не ја исклучи можноста да се кандидира на претстојните избори за градоначалник на Скопје.
„Се водат некои разговори, но не зависи од мене. Голем предизвик е, чест е некој да ве кандидира да го работите тоа. Почетокот би бил да се поврзат луѓето во управата со една цел – да се подобри градот. Затоа што градот треба да се одржува и треба да се направи план за развој. Тоа се основните параметри коишто на секој град му требаат – секојдневно одржување и проклети и планови за иден развој во сите сегменти. Од инфраструктура, социјала, култура, затоа што градот не е само физичка структура, таа е и социјална и културна“, вели Мишко Ралев.
Целото интервју погледнете го во видеото: