ВИДЕО) Убиство во Старата чаршија за време на новогодишната ноќ: Турски државјанин загина, убиецот во бегство
Едно лице e убиено, а друго се здоби со тешки телесни повреди при инцидент што се случил во скопската Стара чаршија, потврди министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според неговите изјави, жртвата е турски државјанин, а кривичното дело било извршено со остар предмет.
„Имаме едно лице кое е починато и едно лице со тешки телесни повреди. И убиството и тешката телесна повреда се извршени со остар нож. Постојат осомничени лица, но во овој момент не можам да изнесам повеќе детали, бидејќи едно од нив е во бегство“, изјави Тошковски.
Министерот посочи дека во настанот учествувале повеќе лица и дека сите инволвирани биле странски државјани. Истрагата е во тек, а Министерството за внатрешни работи презема мерки за пронаоѓање на осомниченото лице.
Покрај убиството, во текот на новогодишната ноќ во Скопје биле регистрирани и седум лица повредени при употреба на пиротехнички средства.
Тошковски информираше дека во истиот период на територијата на главниот град се случиле вкупно 23 сообраќајни несреќи, од кои две завршиле со тешки телесни повреди.






