(Видео) Унгарски кредит за улици – асфалтот на дива депонија

Општината Василево доби околу 28.000.000 денари, или околу 460.000 евра, од унгарскиот кредит за изградба на околу четири километри канализација. При посета на дивата депонија во општината, која летово гореше многупати, можевме да документираме дека асфалтот изваден од улиците завршил на дива депонија.

 

Летово во струмичко гореше и градската депонија, а гореа и бројни диви депонии. Со екоактивистот Ѓорѓи Танушев се упативме кон таа во општината Василево, пишува Нота.

 

„Моментално одиме во насока на чадот. Значи, го ловиме на лице место. Да видиме што се гори. Но, со оглед на ова што го гледаме пред нас ми се чини дека е многу поголемо од тоа што го мислиме. Реално, сега сме некаде во Василево, но најверојатно ќе бидеме некаде на излезот од Василево. А прашање е што ќе најдеме таму и што ќе видиме дека гори“, вели екоактивистот Ѓорѓи Танушев.

Патувајќи кон дивата депонија, Танушев ни откри дека екоактивистите честопати документираат пожари на дивите депонии и забележа дека, освен пожарникарите, никој друг не реагира на таа масовна појава.

„За жал, ова го гледаме како бескрајна брканица, каде што се брка по пожари, а не се работи на превенција. Кога велам превенција, мислам на тоа полицијата да почне на апси и репресивните мерки да функционираат. Затоа што сѐ што правиме сега е дека изигруваме детективи и пожарникари. А не е тоа поентата. Најчесто тука горат работи што ги прикриваат со отпад. Ќе донесат камион жици, кабли, што и да е, и ќе го замаскираат со тоа“, нагласува Танушев.

Депонија Василево

Упатувајќи се кон дивата депонија, слушавме експлозии. При пристапувањето можевме да видиме како аеросолни пакувања летаат во воздух. Додека Танушев ја повикуваше полицијата и пожарната да излезат на терен, ние од безбедна далечина направивме снимки. Додека ги чекавме да дојдат, на дивата депонија ни пристапи жител на Василево. Стравувајќи за своето работно место, одлучи анонимно да посведочи дека постојано доаѓале возила кои нелегално истоварале отпад, по што следувал пожар. Бидејќи не се преземале мерки, случајот бил пријавен и кај градоначалникот на Василево, но депонијата и покрај тоа повторно горела.

„Значи, таа депонија тука гори па повеќе од месец“, вели жителот на Василево и додава: „Тука се движат луѓе кои собираат старо железо, пластика, најлони. Се сомневаме дека од нив се пали. Сигурно од нив. Сама не може да се запали. Тука многу мириса, многу смрди. Ја палат бидејќи горат кабли. Асфалтот не може да го запали. Тука има асфалт, плочки, земја, а на таа страна има домашен отпад – најлон ќесиња, шишиња пластични, такви работи. И тоа го палат тие и си горат бакар таму“.

Депонија Василево

Го прашавме дали општината Василево го фрлила асфалтот што го гледа, но жителот не можеше да потврди. Во меѓувреме пристигнаа двајца полицајци кои тврдеа дека пожарот бил пријавен и пред повеќе од еден и пол час, бидејќи горело и на другата страна од депонијата. Потврдата за тоа од каде доаѓа асфалтот на дивата депонија ја даде еден од полицајците.

„Тоа е од одвод за канализација. Ти не си во тек, изгледа“, му се обрати полицаецот на новинарот, додавајќи: „Во Василево копаат за канализација. Асфалтот од таму е“.

Депонија Василево

Во Електронскиот систем за јавни набавки се наоѓаат различни фирми кои работеле на изградба на канализација и на патишта во општината. Одоговор на поставеното прашање – каде бил фрлен асфалтот – од општината Василево не добивме. Градежните активности се спроведени во мандатот на старо-новиот градоначалник на Василево од ВМРО-ДПМНЕ, Славе Андонов.

На запалената депонија во Василево пожарната пристигна 40 минути по нашето пријавување. За да го направиме интервјуто со струмичкиот екоактивист, се поместивме од местото на пожарот, но воздухот во целото опкружување беше екстремно загаден.

„Ова што го дишеме моментално, иако сме малку подалеку, сепак укажува дека не се работи за дрвна маса, туку се работи за пластика, за метали, за кој знае што сѐ не. И тоа е она што го викаме ПМ-честички. Го гледаме воздухот што го дишеме. Она што е страшно се хемикалиите што ги вдишуваме во моментов. Сега се труеме со кој знае какви поливинил-хлориди… Кој знае, можеби тука има и многу нешта што не ги знаеме, затоа што е сепак депонија – фурани, диоксини, сѐ она што е најканцерогено, најотровно, сѐ она што предизвикува смрт и намалување на здравјето кај целата популација – ние моментално го дишеме“, вели екоактивистот Ѓорѓи Танушев и додава:

Ѓорѓи Танушев

„Наше мислење е дека се работи за високоорганизиран криминал, бидејќи за такво нешто да функционира мора да биде доходовно. Дали е ова доходовно? Апсолутно да. Сведоци сме дека само во Струмица има фирми кои заработуваат над 7,5 милиона евра приходи од бакар и тие работи. А каде го наоѓаат тој бакар? Тоа е прашање што никој не сака да го одговори. Во исто време, истражните органи како да спијат. Нема уапсени, нема ништо. Нема нешто што ќе се покрене да се работи. Се работи за нешто што ги загрозува сите. Сите го дишеме ова. Наше сомневање е дека влегува отпад од некаде нешто што треба да се изгори, се распоредува каде што треба, дистрибуирано зборувам, и имаме сега фабрики за рециклажа на бакар на отворено“.

Дивата депонија во Василево летово гореше неколкупати по нашето снимање. Од СВР Струмица нè известија дека е пријавен само еден случај на пожар на таа депонија.

Полиција Василево

„Ве известуваме дека пријави против сторители полицијата поднесува во случаи кога инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување утврди дека во конкретните случаи постојат елементи на кривично дело – предизвикување општа опасност по член 288. А во случајот во село Василево, од страна на инспектор од ДЗС не се утврдени елементи на ова кривично дело. (…) Во врска со нелегално согорување на отпад, Ве известуваме дека истото е во надлежност на Инспекторатот за животна средина“, стои во одговорот од СВР Струмица.

Од Инспекторатот нагласуваат дека дивите депонии се надлежност на општините и дека Министерството за животна средина и просторно планирање секоја година им одвојува средства, доколку тоа се побара од него.

Градоначалникот на Василево, неколку недели по нашето снимање, ја исчисти депонијата со известување дека нема да се дозволи повторно создавање еколошка бомба.

Депонија Василево ноември 2025

На почетокот на ноември, на делови од просторот повторно има отпад, па дури и асфалт – како симбол на нелегалните патишта на отпадот создадени од поеднинци и фирми, но и од институции.

На овој графикон од Државниот завод за статистика се гледа создадениот и собраниот комунален отпад во Македонија. Разликата завршува на диви депонии. Нивната бројка е над 2.000.

Државен завод за статистика - отпад

Автори: Александар Методијев и Сузана Мицева

 

Back to top button
Close