(ВИДЕО) „Ви треба чесност, интегритет и храброст за да го признаете македонскиот народ“, словенечката европратеничка Ирена Јовева на македонски јазик им порача на бугарските колеги

Во Европскиот парламент денеска се гласа за Предлог-извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од специјалниот известувач за земјава, австрискиот европратеник Томас Вајц. Расправата за документот започна уште вчера, а дебатата доби силна димензија поради амандманите поврзани со македонскиот јазик и идентитет.

Словенечката европратеничка Ирена Јовева, членка на партијата „Движење за слобода“ и дел од парламентарната група „Обнова на Европа“, се обрати на македонски јазик директно до бугарските европратеници.

„За да постои на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет, храброст – знам“, порача Јовева, која е од македонско потекло.

Таа претходно јавно соопшти дека нема да поддржи никакви измени кои би воделе кон бришење или негирање на македонскиот јазик и идентитет во европскиот извештај.

Првичната верзија на извештајот ги содржеше референците на македонскиот народ и јазик, но подоцна беа предложени амандмани за тие да се формулираат како „модерни“, односно „сегашни“, а на крајот и целосно да се изостават.

facebook
Twitter

 

Обраќањето на Јовева предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што нејзиниот говор беше споделен од повеќе јавни личности и поранешни политичари, меѓу кои и Љупчо Димовски.

Back to top button
Close