(Видео) Заев: 1.000 нови домаќинства од Гази Баба ќе се приклучат на градското парно

Како што истакнаа во своите обраќања, успешната соработка помеѓу Владата и локалната самоуправа е клучна за да се обезбедат услови за подобар живот на сите граѓани.

Премиерот во своето излагање нагласи дека во моментот во општината се реализира заеднички проект за поврзување на 1.000 домаќинства од Хиподром 1 и Хиподром 2, на градската топловодна мрежа.

Како што посочи тој, на овој начин ќе се намали потрошувачката на струја на овие домаќинства и ќе се намали загадувањето на воздухот во овој дел од градот.

„Станува збор за инвестиција вредна околу 600 илјади евра која ќе се реализира во следните две до три години. Со ова проширување на топловодната мрежа во Гази Баба се очекува голем бенефит за граѓаните како што се намалување на потрошувачката на струја за домаќинствата приклучени на системот, стабилно и современо загревање на домовите, како и намалување на причинителите на аерозагадувањето. Ќе се создадат предуслови и за дополнително проширување на секундарната топловодна мрежа, како и можности за нови приклучоци и поголем опфат на домаќинства во иднина“, рече премиерот.

Тој истакна и неколку други проекти сработени во општината и нагласи дека во претходниот мандат на Владата, старите бараки на основното училиште „Вера Јоциќ“ биле заменети со нова, модерна училишна зграда за 600 ученици.

„Заедно со општината изградивме објект кој ги задоволува сите услови и стандарди за реализација на воспитниот образовен процес на квалитетен начин. Една година подоцна, во услови на пандемијата со Ковид-19 ја завршивме и изградбата на спортската сала на училиштето на површина од 650 м2 комплетно опремена со спортска опрема и реквизити, санитарни јазли, соблекувални со туш кабини“, додаде Заев.

Back to top button
Close