(ВИДЕО) Заев и Касами: Подготвени сме за 6 години да ги затвориме преговорите со ЕУ

Подготвени сме за 6 години да ги затвориме преговорите со ЕУ, порачаа лидерите на СДСМ и движењето Беса, Зоран Заев и Биљал Касами, кои на изборите настапуваат заедно во предизборна коалиција „Можеме“.

-Подготвени сме, знаеме и можеме да отвориме 80 отсто од поглавјата до 2024 а за шест години, да го затвориме целиот преговарачки процес со Европската унија. Ова е нашата понуда за следните 4 години. Точно знаеме каква држава сакаме да биде Северна Македонија во 2024 година. Слободна, демократска, европска држава, интегрирана, пријател со соседите. Од другата страна, од ВМРО-ДПМНЕ немаме ништо освен обнова на режим со истите луѓе на Никола Груевски, нема ништо освен нова изолација, нови кавги внатре и со соседите. Затоа е важно да не застанеме, заедно да продолжиме, да го завршиме започнатото. На 15 јули се носи уште една голема одлука –рече Заев на заедничката прес-конференција со Касами.

Тој се осврна на изминатите 2,5 години потенцирајќи дека за тој период успеале да ја внесат земјата во НАТО и да ги откочат интеграциите во ЕУ.

-Денес ние сме 30 земја членка на НАТО, на иста маса со најмоќните, најсилни и најразвиени земји. Денес, нашите граници се обезбедени, нашиот мир е загарантиран. Денес Северна Македонија е пред почеток на процесот на преговори со ЕУ, наскоро ги отвораме и првите поглавја. Сето ова го остваривме зачувувајќи го македонскиот идентитет, важен за нас Македонците. Благодарни сме на Албанците, Ромите, Србите, Власите, Турците, Бошњаците и на сите други помалку бројни етнички заедници за солидарност која ја имаа за решавање на оваа прашање –рече Заев.

Тој зборуваше и за ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека сето тоа во 11-годишното владеење било невозможна мисија и наместо интеграција имало изолација, а наместо напредок имало режим, етнички тензии и поделби.

Back to top button
Close