(ВИДЕО) Земјотрес од 6,1 степен ја погоди западна Турција, едно лице загина, 29 повредени

Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала вечерва ја погоди западна Турција, предизвикувајќи паника меѓу жителите и значителна материјална штета.
Според податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар, потресот се случил на 27 октомври во19:48:29 часот UTC, односно 22:48:29 часот по локално време, со епицентар на 62 километри југоисточно од Баликешир и на 10 километри јужно од градот Синдирги.
Сведоци опишуваат дека тресењето траело неколку секунди, доволно долго за луѓето во паника да ги напуштат домовите и да бараат засолниште на отворено.
Според официјалните информации, едно лице го загубило животот, а најмалку 29 лица се повредени, од кои повеќето полесно. Локалните власти соопштија дека повеќе од 15 згради се уништени или тешко оштетени, претежно во Синдирги и околните села.
Екипи за спасување и итна медицинска помош се испратени во погодените подрачја, а работи се на расчистување на урнатините и проверка на стабилноста на објектите.
Турските сеизмолози предупредуваат дека постои можност за нови, послаби афтершокови во следните часови и апелираат граѓаните да останат внимателни.






