Видео:Жители на Аеродром повторно излегоа на протест за загадувањето од Вардариште, бараат итно решавања на проблемот
Жители на скопската општина Аеродром и денеска доцна попладен излегоа на протест на кој го искажаа својот револт поради загадувањето на воздухот што доаѓа од дивата депонија Вардариште, каде што пред десет дена избувна голем пожар.

Иако пожарот е изгаснат, во оваа општина со денови се чуствуваше непријатна миризба на чад од изгорени материјали, од кои некои и токсични, што предизвика револт кај граѓани од овој дел на главниот град.
Протестот и денеска се одржа на крстосницата помеѓу булеварите „Србија“ и АСНОМ, конкретно пред мостот „Киро Глигоров“.
Пренесувајќи ја атмосферата од денешниот собир, кој е на иницијатива на граѓанската организација „Стоп за Вардариште“, телевизија Телма објави дека за разлика од протестите што се одржуваа претходнит денови на овој можат да се слушнат и свирежи и пораки до надлежните дека депонијата во Вардариште повеќе не смее да постои и дека проблемот мора да се реши под итно.
Дел од присутните граѓани носеа и транспаретни, а на еден од нив, како што пренесе телевизијата, можело да се прочита натпис „Премиерот дише исти или различен воздух“, Станува збор за алузија на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски кој, коментирајќи ги последиците од пожарот во депонијата „Дрисла“, рече дека иако визуелно изгледа дека воздухот во Скопје е загаден, сепак, испитуваните параметри на штетни честички не се така алармантни.
Во тој контекст, жителите на Аеродром што излегоа на денешниот протест упатија порака до надлежните дека истиот воздух го дишат и тие и дека треба посериозно да пристапат кон решавање на овој проблем.
„Јас 40 години живеам во оваа населба, 30 години ние сме со загаден воздух. Нашите деца не можат да излезат надвор, ние не можеме да отвориме прозори. Веќе ни е дојдено преку глава. Доста е веќе ветувања, ветувања и само ветувања. Секој како ќе седне во фотеља веќе заборава што ветил. Секој втор е болен од канцер, знаете ли вие што е тоа“,
вели жителка на Аеродром во изјава за Телма.
Идентичен е ставот и на друг жител на населбата, кој порача дека за проблемот и неговото решавање треба да се прашаат надлежните.
„Па, јас мислам дека и тие дишат ист воздух и подобро нив да ги прашате. Да функционира граѓанската непослушност не би било вака“,вели тој.

Инаку, денеска Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднело обвинение против три лица во врска со дивата деонија Вардариште. Тие се обвинети за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад. Според Обвинителството тие од 2020 година вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без да регистрираат правно лице и без дозвола за управување со отпад, со што создале диви депонии на дел од локацијата во Вардариште каде на 9 јули годинава настана неконтролиран пожар.
Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, од ОЈО Скопје информираат дека се издадени повеќе наредби со цел откривање и на други сторители на кривични дела.
Попладнево од Министерството за животна средина и просторно планирање соопштија дека донесена одлука за забрана за движење на територијата на дивата депонија Вардаришта.
Претходно директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека локацијата ќе ја обезбедува агенција за обезбедување.