Видни пратеници на ЦДУ се противат на одлуката на Трамп за повлекување не 9.500 американски војници од Германија

– Двајца видни пратеници, членови на конзервативниот блок на германската канцеларка Ангела Меркел, ја критикуваа одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да и нареди на војската да повлече 9.500 американски трупи од Германија.

По оваа одлука во земјата ќе треба да останат 25.000 од сегашните 34.500 војници.

-Плановите повторно покажуваат дека администрацијата на Трамп ги запоставува елементарните задачи на лидерството – вклучување на сојузниците во процесите на донесување одлуки, рече Јохан Вадефул, портпарол за надворешна политика на пратеничката група ЦДУ / ЦСУ.

Сите партнери на НАТО имаат корист од кохезијата на Алијансата,  а од несогласувањето корист имаат само Русија и Кина, рече тој, додавајќи дека  „на ова во Вашингтон треба да се посвети поголемо внимание “.

Вадефул, исто така, ги повика Европејците да се разбудат и подобро да се позиционираат во однос на безбедносната политика.

Германското Министерство за надворешни работи засега не излезе со коментар.

Андреас Ник, кој исто како и Вадефул, е член на парламентарната комисија за надворешна политика, за Дојче веле изјави дека има индиции дека „одлуката не е техничка, туку е чисто политички мотивирана“.

Неименуван американсии претставник , вчера посочи дека одлуката е резултат на повеќемесечна работа на началникот на Генераштабот на американската војска, генерал Марк Мили, и дека не е поврзана со моменталните тензии меѓу Трамп и Меркел, што го спречија планот на американскиот претседател овој месец да одржи состанок на Г-7.

Евентуалното повлекување на дел од американскиот воен контингент од Германија за првпат го соопшти „Волстрит џурнал“, ставајќи го овој потег во контекст на односите меѓу Берлин и Вашингтон, кои често пати се напнати за време на администрацијата на Трамп.

Трамп врши притисок врз Германија да ги зголеми трошоците за одбрана и го обвинува Берлин дека е „заробеник“ на Русија заради нејзината зависност од руската енергија. сд/

Back to top button
Close