Виетнамската полиција разби мрежа за перење пари вредна 1,2 милијарди долари
Виетнамската полиција соопшти дека уапсила пет лица и разби мрежа за перење пари која внела 1,2 милијарди долари незаконски стекнати средства во земјата.
Меѓу 2022 и 2024 година, членовите на мрежата – вклучувајќи и вработени во банки – фалсификувале лични карти и печати за да основаат 187 компании и отвориле повеќе од 600 корпоративни банкарски сметки, јави ДПА.
Овие сметки биле користени за трансфер и легализација на средства стекнати преку измами или коцкање во странство, соопшти полицијата, додавајќи дека вкупната вредност на трансакциите изнесувала околу 1,2 милијарди долари (30.000 милијарди донги).
Апсењата – меѓу кои е и еден вработен во банка – биле извршени во Дананг, каде полицијата изјави дека ова е најголемиот случај на перење пари откриен досега во централниот крајбрежен град.
Полицијата запленила 122 фалсификувани печати и оригинални примероци од 40 деловни регистрациски сертификати.
Во октомври, виетнамската сопственичка на недвижности Труонг Ми Лан беше осудена на доживотен затвор по обвиненија за перење пари, иако таа ја обжалува пресудата.
Претходно, оваа инвеститорка беше осудена на смртна казна за измама вредна 27 милијарди долари во друг случај.