“ВИКАЈТЕ МЕ И ГРНЕ САМО НЕ МЕ КРШЕТЕ”!? (Стара кинеска мудрост)

Формулацијата, “говор на омраза”, веројатно, е доминантна во медиумите, сајбер просторот и воопшто во јавниот дискурс. Најчесто се врзува со фамозниот Протокол, од миљето на македонско – бугарските (не)односи, на што јавноста е со право чувствителна. Деновиве, читаме како треба да ги мернуваме и речениците од “Волшебното самарче” на мојот селско -комшиски предок Ванчо Николески.

Веројатно, треба и самиот да повнимавам како го водам Балканскиот попетски кампза млади “Ванчо Николески”. Какви песни ќе напишат дечињата од по Балканите, што да им кажувам, а што не за Ванчо и нашата Црвена Вода.

На пример, како е можно и во Црвена Вода да се појави Бугарин !? Од новите “Бугари”, со пасош за работа во Имачка !? Мислам на Германија, или, во народот, србизираната форма – Немачка. А не е таа немачка, ние сме немачка, инаку не би земале бугарски пасоши!

За да не ме разберете погрешно, оваа година, ова Лето Господово, од 26 до 28 август, на четвртиот по ред Балкански поетски камп, најбројната експедиција доага од Бугарија.

Ете толку за мјот “говор на омраза” и “анимозитет” кон Бугарија и Бугарите, ете како јас ги разбирам македонско – бугарските релации, како “поле за културен натпревар”. Тоа што министерката за култура, од уста не ги вади “македонскиот јазик и идентитет”, а Балканскиот камп не може да добие денарче помош, затоа што “не е традиционален!”, или, пак, “програмите ги испраќа на погрешен образец!”, е работа на самата госпога министерка ( да ме извини Бранислав Нуши!).

Тоа со Бугарија и Бугарите, односно со билатералниот јазик на омраза, еден убав ден, ќе заврши, вака или, така! Но, што правиме со нашиот внатрешен, унитерален, говор на омраза. Оној што се шири како пожар (и ќе не опожари!) по социјалните мрежи, а, сосема случајно, нели, го пренесуваат, додаваат масло на огинот, медимуи од типот на Ехспрес.мк, и слични на него.

Не господа – другари. Особено, НЕ, за вас, кои, живеете во земјите од такавиканата западна демократија. И колку да сме критични кон постапките на власта (а самиот су во првите редови за она што објективно си го заслужуваат!), не можеме да мешаме “баби и жаби”. Едно е Бујар како министер, друго како личност, а трето како ИНСТИТУЦИЈА.

Бујар не може да биде Бугар, затоа што тоа добро звучи – римувано!

Стево не може да биде, нека ми извини, “стока!”, затоа што тој израз некогаш и некаде, го употребил во некаков контекст, кој нема врска со денешниот контекст!

Многу е тенка, господо – другари, линијата измегу личноста и функцијата, особено измегу личноста и ИНСТИТУЦИЈАТА!

Не е никаква храброст,а уште помалку патритоизам, туку е кукавичлук, кога свесно, или несвесно, удирајќи на личноста ние, всушност, удираме на ИНСТИТУЦИЈАТА ! Со тоа удиреме на сопствената држава, на сопственото знаме, на сопствениот народ.

ИНСТИТУЦИЈАТА е на народот, таа го претставува нашиот народ овде и во светот и за тоа мораме да водиме сметка. Таа институцијата не претставува сите, и оние кои ја сакаат и оние кои не ја сакаат личноста која е во овој момент на чело на таа институција.

За секаква осуда е тоа што на ваквата атмосфера подлегнуваат покрај квази медиуми и вистински медиуми, покрај квази – новинари и вистински професионалци. И тоа по сите прашања, не само од аспект на говорот на омраза.

Еве ви само еден пример. Симон Трпчерски, најдоброто од Македонија, “растура” по концертните подиуми во светот. Но, тоа дури за main stream медиумите не е вест. Cover Story e кога човек ќе касне куче! Да не говориме за “партал – порталите”.

Деновиве е објавено колку пари општина Охрид дала на медиуми. Над стотина илјади евра, последниве неколку години, за “медиум”, кој е под секаквбо достоинство да го читаша не да пишува за тебе ! Да ти гради имиџ! Нула од писменост и далеку под нула – од литературен јазик. Чист рекет инструмент! Освен, ако парите ги давале за ДА НЕ СЕ ПИШУВА ЗА НИВ!

Спагам мегу постарата генерација новинари. Нешто отприлика со Пандета Колемиш, а нешто сум постар од Ерола Ризаов – “Турчето”, како што го “навредуваше” војводата Љубчо, со Б, денес, “сиромашното делчевчанче” колку “секој просечен бизнисмен од Македонија!”.

Не им делам лекции, скраја да е, ама, на времето се користеше термин, во, кој за жал, би влегле и овие две професионални пера – еднонасочни. Застапници на тезата за црно – белиот свет. Со тоа што Колемишот, од партиско – владин еднонасочен (новинарството мора да се двиѓи во двонасочна патека), премина во анти – владино еднонасопчен. Ерол, барем си остана – традиционално еднонасочен!

Да не ме разберат погрешно обајцата. Но , како што на Колемишот не можам да му заборавам какви “чаршафи постилаше” во “Нова Македонија”, на три колони, од весникот, против вевчанци, така и за Ерола не можам да замижам: како тоа, наогаше надворешни теми за колумните во “Утрински Весник”, а никогаш не ја забележа “внатрешната тема” – како тоа Срган Асанов Керим, го водеше и го закопа весникот, заедно со медиа-Принт.

Ги закопа и сите наши написи: коментари, репортажи, извештаи…Нема ништо на Интернет од тоа што сме пишувале! Со кое право, тоа е наш труд!

Уште еднаш, да не се разбереме погрешно. И Ерол и Панде се достоинство на македонското новинарство. Но, сепак, не се достоинството на еден Никола Младенов, кој, секогаш и за сите, имаше подеднакво доволна критична дистанца кога беа на власт и доволно разбирање, за немоќта и подреденоста кога беа во опозиција.

На сите останати, тоа ни фали, и колку да се тупаме во градите.(Крај)

Веле Митаноски

 

 

Back to top button
Close