Викендов две години од основање на Терапија

Во клубот „Минус еден“ во Скопје, во петок (24.2.2023), ќе се одржи журка по повод 2 години од основањето на музичката платформа „Терапија“, со DJ артистите Ивана Драгшиќ, Тијана Т. и Uran B.

Платформата „Терапија“ се основаше во ек на пандемијата од КОВИД-19, со цел да понуди простор и можност за опстојување на домашната електронска клупска сцена. Овој музички медиум постепено растеше и се развиваше, но понуди и еден нов концепт за реализација на музички настани. Покрај стандардните забави и промоцијата на домашните диџеи, „Терапија“ ја поврза електронската музика и сцена со македонското културно наследство.

Имено, беа организирани повеќе журки – перформанси на локации кои се дел од домашното културно наследство и тоа: „Македониум“ (Крушево), Споменикот на слободата (Кочани), Чифте Амам, Пошта и Железничката станица во Скопје, како и настани во Музејот на современа уметност.

Во пресрет на утрешната журка имавме краток разговор со основачката на „Терапија“, Слободанка Тренчева – Боте, која ја имаше и иницијалната замисла за развојот на оваа платформа, која полека но сигурно се интегрира во домашната, но и регионалната клупска сцена.

  • Среќна сум што „Терапија“ утре одбележува 2 години од своето постоење. Не сакам да кажам дека утре ќе „славиме“ затоа што живееме во еден навистина чувствителен период (економска и воена криза) и затоа мора да се однесуваме согласно околностите. Журките и сцената повеќе никогаш нема да бидат исти. Оттука е и нашата замисла, да ги поддржиме домашните артисти, но и да направиме поврзување со регионот. И затоа, утре ќе имаме и домашен диџеј, како добро познатата Драгшиќ, но и одличните Тијана Т. (од Србија) и Uran B. (од Косово). Ги поканувам сите да дојдат во „Минус еден“. Сите со некоја носталгија и меланхолија го паметиме ноќниот живот во Скопје. Утре, ќе донесеме „парче“ од минатото, но и ќе го трасираме патот за понатаму. Затоа, вреди да се дојде, вели Боте.

„Терапија“ во претстојниот период ќе продолжи и со организација на перформанси, настани на уникатни локации, поврзувајќи различни уметници и лица кои се дел од креативниот сектор.

  • Во Македонија не е лесно да се биде успешен. Малкумина ќе те поддржат, многумина ќе те етикетираат, но на крајот сите ќе гледаат да се „прилепат“ за приказната кога ќе видат дека е успешна. „Терапија“ е успешна приказна и ќе постои за сите искрени луѓе, кои сакаат квалитетна и автентична музика и перформанси, завршува основачката на „Терапија“.

Картите за утрешниот настан можат да се најдат во претпродажба во кафулињата „Кино Карпош“ и BKW Hybrid Bar. А, истите можат да се набават и на влезот на „Минус еден“.

Back to top button
Close