Викендов изречени 47 опомени и девет казни за непрописно фрлање кабаст отпад во Скопје

Екипи на Градскиот инспекторат со поддршка на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ викендов спроведоа акции на повеќе локации на територијата на општините Чаир и Карпош за контрола на јавните површини, односно за непрописното фрлање кабаст отпад. За време на овие контроли тие затекнаа граѓани кои непрописно одлагаат кабаст отпад, при што се изречени 47 опомени и 9 казни.

Контролите, како што соопштија градските власти, беа спроведени на повеќе локации кои претходно беа посочени како места каде што често непрописно се одлага кабастиот отпад, а за поуспешно реализирање на акцијата, во надзорот беше вклучен и дрон.

Град Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат животната средина и јавните површини од загадување, а отпадот од домаќинствата да го одлагаат исклучиво во контејнерите наменети за комунален смет.

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје воведе новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на Град Скопје кои имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на отпадот со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“.

Со воведените измени на услугата, граѓаните ќе имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплаќа во согласност со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“.

Back to top button
Close