Виктор Габер: Македонско-грчкиот дијалог треба да биде патоказ

Целта е да поднесеме препораки за усогласено третирање на теми од историјата и археологијата, кои кај новите генерации нема да предизвикуваат анимозитет, туку разбирање на „другиот“, вели Габер.за Дојче веле.

Работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, подолг период е под критики од бугарски политичари и историчари за неефикасност, опструкции, бавност во работата и со очекувања за што побрзи резултати. Во сенка на тој процес засега се одвива работата на македонско-грчкиот Заеднички интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања (ЗИКЕ). За тоа како се одвива работата во овој Комитет, во каква атмосфера и со какви предизвици се соочува, разговаравме со македонскиот копретседавач на ЗИКЕ, Виктор Габер.

ДВ: Работата на Комитетот со кој копретседавате, е прилично тивка, во споредба со работата на македонско-бугарската Комисија. ЗИКЕ редовно, но прилично воздржано информира за одржаните состаноци, па јавноста нема многу информации до каде е соработатаовој Комитет оформен со Договорот од Преспа, особено, откако грчкиот состав доби нови членови.

Виктор Габер: Па еве, во втората половина на годинава почнавме подинамично да работиме на реализација на поставените цели од член 8 став 5 од Договорот од 2018 година. Заради изборите во двете земји и пандемијата, една година немавме директни состаноци со грчката страна, но овој период го искористивме за анализа на постојните и нови историски и образовни содржини и искуства на другите земји во третманот на оваа материја. Оваа година имавме два онлајн состаноци – во октомври, и во декември. Видовме дека и новиот состав на грчкиот дел на ЗИКЕ исто така опстојно се подготвувал за годинашниве средби, што верувам дека севкупно ќе придонесе за постигнување пообјективизирано проучување и предавање на историските содржини во двата образовни системи. Досега двете страни ги изнесовме своите искуства во проучувањето и предавањето на историјата.

Viktor Gaber Diplomat Виктор Габер

ДВ: Дали има значајни разлики во третманот на конкретни историски настани и личности кои оставиле траги во тие настани? Постојат ли разлики во образовните системи?

Основата на нашиот актуелен образовен систем е онаа од заедничкото опстојување во време на федерацијата, што по 1991 година беше надоградена со елементи вградени под влијание на еден „разбуден“ национален наратив. При третманот на историјата како наука и едукативен предмет како да се вршеше објективизирање на фактографијата, која беше критикувана дека била селективна и „бриши-пиши“ историја, но и со скромно вградување на моделите присутни во проучувањата на историчарите од западниот свет. Едноставно, нашите историчари се повеќе совладуваа странски јазици и осознатото оттаму го споредуваа со наученото од повоената генерација историчари. Себеси и новите генерации ги збогатуваа со пошироки сознанија – што било, зoшто било, во кои услови било нешто што се случило во минатите времиња.

Работејќи на оваа материја, можам слободно да наведам дека ние забележуваме дека и кај нашите соседи е присутен овој тренд на продлабочено, но воедно и сомничаво проучување на националната историја која актуелно се предава, а јасно и недвосмислено преиспитувана од страна на научници по потекло од овие земји кои работат во светските научни центри. Меѓутоа, влијанието и придонесот на сите нив сè уште се доста лимитирани во конципирањето на државните програми по историја и во пишувањето на учебниците кои актуелно се користат во образовниот систем на балканските земји. Затоа можеби е и таква жестока одбраната на стекнатите позциции на локални историски наративи, етаблирани како наука и образование од времето на зацврстувањето на нациите кај овие народи.

Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje

ДВ: Ако постои таква задршка, зарем не станува збор за една голема дискрепанца, со оглед дека говориме за земји кои се во ЕУ и земји кои тежнеат кон евроинтеграција?

Тоа е евидентно и заради недоградениот интегративен систем во самата Европска унија. Образованието сè уште е оставено во „третиот столб“ на ЕУ – како суверено право на секоја земја членка, а со тоа и на оние кои се подготвуваат да станат членки. Па се прашувам, како се замислува градење на нови генерации кои во иднина треба заедно да дејствуваат, а меѓусебно да не се разбираат и да ги повторуваат историските приказни кои довеле до конфликти меѓу нивните претходни генерации и до невидени трагедии. Не, никој не може да ми/ни ја напише историјата, да ми/ни го смени потеклото како што го имам/имаме осознаено. Но науката, мултиперпективноста во продлабоченото толкување при третманот на појавите и во случајов на историските настани, секако ќе доведе до објективизиран, солиден опстој и на националните и на колективните наративи. Се надевам дека сите видовме што создадоа едностараните, егоистички и ексклузивистички наративи…

КБ: Дали сте на добар пат за таков објективизиран пристап? Има ли солидни основи да стигнете до целта- историјата да не претставува конфликтна супстанца во едукацијата на актуелните и следните генерации во Северна Македонија и Грција?

Реално, ние пред нас имаме една нормативна алтернатива, а тоа е Договорот од Преспа и во него стипулираната обврска за унапредувања, но и таа е со задршка во употребениот израз „доколку најдат за потребно“. Ние работиме таа обврска нас да не нè „гуши“ во постигнување на крајната цел: до Високиот совет за соработка на двете влади да поднесеме препораки за усогласено третирање на теми од историјата и археологијата во програмите и во учебниците, на начин што кај новите генерации нема да предизвикуваат меѓусебен анимозитет, туку ќе придонесат за разбирање на „другиот“ и искрена соработка со него. А сметам дека е воспоставено солидно ниво на дијалог, кој од средба во средба добива се постручно третирање на историјата како наука и образовен систем, а не само бирократско исполнување на некои точки и потточки, за формално задоволување на постоењето на самиот ЗИКЕ. Таквиот пристап ни го олеснуваат и утврдените принципи и цели на УНЕСКО и Советот на Европа за изучување на историјата, а наведени и во Договорот од Преспа.

Back to top button
Close