Вилма Русковска за НоваТВ: Има многу корупција, а малку обвинители

НОВА: Дали во Македонија имаме олигархија?

-Веројатно имаме, но не во толкав обем како што се оние познатите олигарси во светот.

НОВА: Па не во пари туку во моќта и влијанието..

-Па можеби има. Знам дека имаше, веројатно и има, но ние како обвинителство работиме во насока на откривање на противправно стекнат имот.

НОВА: Сте се уплашиле ли некогаш по сите оние закани што ги добивате?

-Не се плашам. Имам одамна кажано дека нашата професија носи ризик и кој не е спремен да го прифати тој ризик не може да биде обвинител.

НОВА: Заврши Рекет. Дали делото имаше намера да го растури СЈО или чисто од лукративни причини е?

-Ни едно ни друго. Никој немаше намера да го растури СЈО.

НОВА: Прашувам за оние кои биле вмешани.. дали тие имале таква намера?

-Станува збор за чиста алчност.

НОВА: Добро е што водите случаи против политичари и бизнисмени, но дали имате случаи против судии и обвинители? Не може корупцијата да се одвива ако нема луѓе и од таму…

-Предметот „Рекет“ е тоа. Еден специјален јавен обвинител отиде во затвор. Има и за судии, за судија на Управен суд, за член на Судски совет, значи има и за судии.

НОВА: Колку сте задоволни до работата на судот?

-Никогаш не коментирам судски пресуди. Јас како обвинител не си дозволувам да коментирам пресуда, ако не сум задоволна имам право на жалба.

НОВА: Имате предмети кои се ваши и седат долго време во фиока…не ли Ве интересира зошто се држат нереално долго? Предметот „Тврдина“ беше година дена во Апелација и не се постапуваше по него..?

-Тоа треба да ги прашате судиите…но јавноста треба да има предвид дека судот, обвинителството па и адвокатите две години работевме во услови на ковид кризата.. и сепак мислам дека во такви услови бевме ефикасни сите во системот. Две години сите живееме во ненормални услови. И тешко е да се бара вина во било кого.

НОВА: Јавноста нема доверба во правосудниот апарат. Јавноста смета дека политичарите си се пазарат. Каков е вашиот одговор на таквата перцепција на јавноста?

-За секој политичар од било која партија за кои сме добиле докази, сме повеле постапка. Ние сме дел од ова општество. Колку подобро функционира општеството подобро функционираме и ние. Проблем е собирањето на докази. Ако се соберат докази за нас нема недопирливи.

ИМА КОРУПЦИЈА, ГРАЃАНИТЕ ЗНААТ, НО НЕМААТ ХРАБРОСТ ДА ПРИЈАВАТ

НОВА: Значи не исклучувате можност дека политичките пазарења може да резултираат со тешкотии во собирање на доказите?

-Не мислам дека тоа е причината. Народот се жали на корупција која реално ја имаме но никој или многу малку се одважуваат да пријават и да достават барем некој доказ. Не може се да се остави на обвинителство и МВР. Сепак и граѓаните треба да дадат свој придонес во таа борба со корупција.

НОВА: Како функционира законот за свиркачи? Има ли луѓе од институциите кои ви даваат информации?

-Граѓаните немаат храброст да пријават. Корупција постои но сите треба заедно да се бориме против таа корупција. Според законот за свиркачи имаат многу механизми за заштита но не се охрабруваат.

Целото интервју на новатв.мк

Back to top button
Close