Вирусот мпокс може да го инфицира и човечкиот мозок, покажува истражување на швајцарски научници
Вирусот мпкос може да го инфицира и човечкиот мозок и да ги оштети неговите клетки, покажува најновото истражување на швајцарски научници од Универзитетот во Берн, објавија денеска швајцарските медиуми.
Како што е наведено во соопштението на овој универзитет и Институтот за вирусологија и имунологија, со оглед на неодамнешното зголемување на бројот на случаи на мпокс вирусот во светот, ова откритие има големо значење и од перспектива на заштитата на јавното здравје, пренесува Свисинфо.
Mпокс (мајмунски сипаници) брзо се шири во многу земји во последниве години. Болеста често има благи симптоми слични на грип и осип, но може да се појават и сериозни компликации, предупредија швајцарските научници.
Околу три проценти од заразените меѓу 1985 и 2021 година развиле невролошки симптоми, како што е енцефалитис, а во некои случаи дошло до фатален исход. Влијанието на овој вирус врз човечкиот централен нервен систем сè уште не е доволно истражено, според студија од Берн. За да проучат дали вирусот се шири во мозокот, научниците користеле таканаречени мозочни органоиди, тридимензионални минијатурни модели направени во лабораторија од матични клетки, кои ги изложиле на примерок од вирусот. Тие заклучиле дека вирусот се шири и доведува до формирање на невродегенеративни згуснувања што се јавуваат кај болести како што е Алцхајмеровата болест. Тимот истражувачи го тестирал и ефектот на лекот „тековиримат“, кој успеал значително да ја намали количината на вирус во делови од мозокот.
Резултатите од најновото истражување се објавени во научното списание „Nature Communications“.