Висок ризик од пожари во целата земја: Активни пет шумски пожари и алармантна состојба со сувост на вегетацијата

Македонскиот информативен систем за шумски пожари (МКФФИС) објави дневен преглед на состојбата со ризикот од пожари во земјата. Според најновите податоци, метеоролошкиот индекс на пожар (FWI) покажува многу висок ризик на голем дел од територијата. Висок ризик е забележан во западните делови на земјата, како и во околината на Струмица, Валандово и Богданци. Среден ризик има во Осоговските Планини, додека на Шар Планина ризикот се движи од низок до среден.

Состојбата со сувоста на вегетацијата (VDM) покажува дека во повисоките предели има висока сувост, што укажува на присуство на многу сува и запалива вегетација. Во пониските делови сувоста е средна или ниска, но ризикот од пожари сепак е присутен.

FWI индексот се пресметува врз основа на температура, влажност и ветер, користејќи податоци од автоматски метеоролошки станици на УХМР, додека VDM се добива преку сателитски мерења од NASA FIRMS. Во системот МКФФИС се достапни и карти за горливи точки, метеоролошки индекс на пожар и сувост на вегетација.

Во последниот извештај за шумски пожари од 16 јули 2025 година до 12 часот, се бележи вкупно пет пожари на отворен простор. Од нив, три се активни, еден пожар е под контрола, а еден е целосно изгаснат.

Активните пожари се лоцирани во општина Велес, кај селата Џидимирци, Крушје и Иванковци во мешана шума; во општина Македонски Брод, во област помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа каде што гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација; и во општина Василево, кај селото Нивичино во нискостеблеста шума.

Пожарот во општина Дојран, кај селото Николич, е под контрола и се гори нискостеблеста шума.

Изгаснат е пожарот во општина Чучер Сандево, во близина на селото Горњани, исто така во нискостеблеста шума.

Back to top button
Close