Висок ризик

Ако надлежните безбедносни институции процениле дека чествувањето на Гоце Делчев во Скопје, на 4 февруари ќе биде настан од „висок безбедносен ризик“, грешка е што таа проценка беше јавно соопштена по седницата на Советот на безбедност. Зошто? Кога „врие“, јасно е дека таа вест ќе предизвика многу поголема мобилизација на „ризични“ домаќини и гости отколку што реално би дошле, ако 4 февруари не добиеше таков епитет.

Таква проценка не се раскажува. Таа треба да им служи на надлежните, за темелно да се организираат и да ги димензионираат своите активности за превенирање инциденти, блиски контакти на зовриени глави од двете страни на границата и ѓурултии полни со излив на омраза и непристојност.

Но, грешката е направена и еден куп запаленковци веста ја дочекаа како „повик на дивината“, сакаш од Бугарија, сакаш одовде. Па, се наредија повици за организирање блокади со трактори, камиони или некакви ноќни стражи. Нека си ја чукнат главата оние наши граѓани што планираат учество во вакви сценарија.

Гоце сигурно не би сакал да го „чуваат“ луѓе што светот го разбираат како поле за националистички натпревар. Така, ниту нему ќе му оддадат достојна почит, ниту ќе го одбранат своето, ниту достоинството на Македонија. Само ќе ги заверат обвинувањата на официјална Софија дека овде владее антибугарска хистерија. А некој го чека токму тоа.

На сите треба да им биде јасно дека овде ќе се лови секој гест со кој ќе бидат дочекани бугарските граѓани, секој извик, секоја парола… Од нашата свест и постапки зависи дали ќе им овозможиме на соседите да си заминат со „празни раце“, или ќе ги почестиме со обилен материјал, кој нивните политичари со месеци ќе го презентираат пред врвот на ЕУ, за да докажуваат дека вината е во Македонија.

Патем, ова не е само работа на институциите. Секој граѓанин на Македонија треба да направи сѐ, бугарските граѓани да можат да се поклонат пред гробот на Делчев во атмосфера достојна за великанот и достојна за имиџот на Македонија, како земја што сака да гради добрососедство. Како ќе се однесуваат гостите од соседството е нивна работа. Наша работа е да игнорираме провокации доколку ги има, и да храбриме атмосфера во која ќе ги нема.

Само така ќе покажеме дека не е историска случајност, туку историска правда што Делчев почива кај нас и што ние можеме да му се поклонуваме секој ден, не само на 4 февруари, 4 мај или 2 август. И дека тоа е чест што ни припаѓа нам, и ни прилега, и според човечката, и според културната широчина. Дека таа широчина е „полето“ низ кое треба да го пречекаме секој што го почитува и го цени неговото дело, кое е поголемо и од Македонија, и од Бугарија, и од двете заедно.

Колумната на Катерина Блажевска во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close